Вести Економија

Македонија има млеко тврдат надлежните – ако снема, „братски ќе делат“ со Србија и Албанија

„Сигурно ќе има недостаток на млеко“ – со овие зборови дел од млекопроизводителите во земјава одговараат на кратко новинарско прашање, за кризата во најава.

Потврдуваат дека се очекуваат турбулентни месеци и имаат многу пораки до надлежните.

Во телефонски разговор уште еднаш предупредуваат дека тоа што се случува сега е „затишје пред бура“.

Ова доаѓа откако дел од млекопроизводителите го означија периодот од ноември натаму како најкритичен заради очекуваниот недостаток од млеко. Причина е тоа што домашното производство е мало, а нема ниту од каде да се увезе.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски тврди дека засега состојбата е добра, Македонија нема недостаток од млеко, но има план.

Тоа што Македонија нема од основните прехранбени производи ќе добива од Србија и Албанија, а ќе дава од тоа што овде е вишок.

„Тоа што ние го немаме да нѝ биде обезбедено од страна на другите или тоа што тие го немаат, а ние го произведуваме и имаме вишок – секако дека треба братски да го споделиме. Ќе ги анализираме и тековните состојби, во моментов нема некаков аларм во тој поглед меѓутоа еве и службите и потсекторските групи ќе работат на тоа и ќе правиме сè што е можно“ изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Братската делба“ којашто ја споменува министерот за земјоделство Николовски, е договорена во рамки на последниот Самит на земјите членки на иницијативата „Отворен Балкан“.

Македонија, Србија и Албанија се обврзаа да нема бариери и забрани, за да се обезбедат граѓаните со основните прехранбени производи.

Посебна Комисија ќе ги анализира сите складишни капацитети на овие три држави.

Србија веќе донесе одлука да го ограничи извозот на млеко и одредени млечни производи, но оваа одлука не важи за „Отворен Балкан“.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опаѓа бројот на ученици, расте бројот на наставници

Дејан Дејан

„Зошто ги пуштивме убијците на нашите деца?“ и зошто полицијата не е опфатена со истрагата – прашања по новиот марш за жртвите во Кочани

Дејан Дејан

Тешка несреќа со тројца мртви кај Кичево, тинејџер излета со БМВ и загина, трагичен биланс на сообраќајот, а се уште се чекаат законски измени и Сејф сити да „стапи“ на сцена

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе