Македонската женска одбојкарска репрезентација и во вториот настап на Европското првенство до 19 години доживеа пораз, овој пат поуспешна од нашата селекција беше Словенија која славеше со 3:0.
Нашите одбојкарки како на вчерашниот дуел со Финска лошо го отворија натпреварот и противничките успеаа убедливо со 25:13 да го освојат првиот сет.
Најнеизвесно беше во вториот во кој македонските репрезентативки успеаа да освојат 20 поени додека третиот Словенките го решија во своја полза со 25:14.
Во првите два дуели од нашата група Италија во неизвесен дуел славеше над Полска со 3:0, но во вториот и третиот сет победникот се решаваше на разлика.
Најнеизвесно беше во вториот меч од денешната програма во кој Финска забележа победа од 3:2 во соочувањето со Грција.
Утре се играат натпреварите од третото коло во кое Македонија за противник ја има Грција, а натпреварот во арената Борис Трајковски почнува во 20 часот и 30 минути.
ФОТО: Игор Паневски