Преговарачката рамка ќе „застане“ пред пратениците во четврток. Заклучоците ќе бидат поднесени откако Собранието ќе почне расправа. Додека течат обиди за меѓупартиско усогласување, циркулираат верзии кои наводно ќе бидат прифатливи за најмалку 72-ца пратеници, односно за СДСМ и партиите на Албанците. Со нив се прифаќа Францускиот предлог, но се нагласува безусловната потреба од почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара. Со заклучоците, се задолжува Владата во текот на преговорите со Унијата, да постапува врз основа на веќе донесената Резолуција.
Централниот одбор на СДСМ едногласно го поддржа преговарачкиот процес согласно францускиот предлог. Бара „сите институции доследно да се придржуваат до Резолуцијата за македонските црвени линии усвоена од македонското Собрание“.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека СДСМ само купува време и бара форма за да достави некакви заклучоци кои не би биле облигаторни за Владата. Лидерот Мицкоски ги повика пратениците од СДСМ да се обединат во отфрлањето на европскиот ултиматум.
СДСМ ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да не прават опструкции и блокади и да не одработуваат за други држави кои не `и мислат добро на Македонија.
Павле Трајанов, како претставник на трите владини помали партнери кои имаат поинакво мислење, бара консензус. Нуди заклучоци кои би биле основа за разговор меѓу сите партии. Со нив, се бара гаранција за употреба на македонскиот јазик како еден од европските јазици и прецизирање на меѓувладините конференции.
Од опозицијата брифираат дека се подготвува забрзана простапка за прифаќање на францускиот предлог. Според наводниот план, собраниската седница би почнала на 14-ти јули, за време на викендот министерот Бујар Османи ќе го потпише Протоколот со Бугарија, во недела или понеделник Владата ќе ја извести Европската комисија дека ја прифаќаме Преговарачката рамка, а на 20-ти ќе се одржи Меѓувладината конференција. Министерството за надворешни работи нема одговор на овие наводи. Од Собранието, само официјална потврда дека пристигнаа документите што ги бараше опозицијата за дополнување на Информацијата за Преговарачката рамка.
Соња Николовска