Со над 200 возила и парчиња специјализирана опрема кои се конфискувани во предметот Труст од Трансмет на Сеад Кочан е направен нов круг на финансиски измами и кривични дела- објавува КОД во вечерашното издание повикувајќи се на извори од истрагата за неспроведената конфискација вредна 17,2 милиони евра. Возилата кои се во државна сопственост со правосилна пресуда се користени и за нова шема за извлекување на пари од конфискацијата и од стечајот на Трансмет. Најчудно е што се користат за државни проекти, но корист имаат приватни фирми, а сообраќајната полиција кога ќе ги сопре не ги одзема туку ги казнува и пропушта.
При една рутинска контрола на 13-ти ноември 2020-тата година на влез во Скопје во Автокоманда полицајците сопреле два камиони марка МАН. Тоа е година и 4 месеци откако пресудата за Трансмет веќе станала извршна односно возниот парк е конфискуван со судска одлука.
И двата камиони биле претоварени пишува во документите до кои дојде КОД. Наместо по 40 тона камионите носеле дополнителни 7 и пол тони повеќе градежен материјал од дозволеното. Полицаецот им пишал казни за претовар. Камионите имале скопски регистрации СК 5509 АХ и СК 5505 АХ.
Бидејќи полицаецот сметал дека камионите се во сопственост на фирмата Трансмет покрај на возачите Махир Максути Џеват Беровиќ прекршочен записник бил направен и за фирмата и за стечајниот управник Богољуб Макревски.
Но најчудно е што тие камиони не биле на Трансмет- тие веќе биле конфискувани од судот и се во сопственост на државата. Во пресудата ги има истите регистрации на двата МАН камиони.
Стечајниот управник Макревски и Трансмет не биле казнети на скоспкиот суд затоа што Макрески приложил документи дека веќе е утврдено како Трансмет нема стечајна маса бидејќи се што имал Трансмет со правосилна пресуда станало имот на државата.
Никој во тој случај не проверил каде возеле камионите, дали имале патни налози и која фирма им ги има издадено, кој им давал плата на возачите за да возат имот на граѓаните без никаков документ.
И не е ова единствен случај кога полицајци казнувале државни камиони злоупотребени од некого во име на Трансмет. Такви предмети имало и во Куманово, Охрид, Кичево, Кочани, Радовиш.
Секаде каде што во близина се граделе патишта некој си ги возел камионите конфискувани од Трансмет. Парите за ова рента не завршувале во државата туку во приватни џебови.
Миомир Серафиновиќ
Во КОД вечерва и ексклузивно последната пресуда на Врховниот суд со која приватните доверители се ставени пред држава за располагање со имот конфискуван како резултат на кривично дело.