Пандемијата сѐ уште не е зад нас, мораме да бидеме внимателни но влегуваме во еден многу помирен дел од пандемијата, оцени претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски во вечерашната Топ Тема на Телма. Неговата проценка е дека следните неколку месеци ќе бидат стабилни и мирно во поглед на пандемијата со Ковид-19.
Вели дека трендот на олабавување на рестриктивните мерки во цела Европа се темели на промената на фокусот од нови позитивни случаи, кон сериозни случаи, хоспитализација и оптеретување на здравствените системи.
Иако во моментов голем дел од европските земји имаат висок број на новозаболени оптеретувањето на нивниот систем е мало, и затоа со поголема лагодност прибегнуваат кон олабавување на мерките. Истото се случува и кај нас, со тоa што благодарение на големиот број на прележани луѓе кај нас, ние имаме малку посвеж имунитет од тој што западните земји со месеци го создаваа преку вакцините. Мислам дека сме во многу безбедна зона сега и тука ќе останеме барем неколку месеци, рече Петличковски.
Но, предупредува дека мораме да бидеме внимателни и да бидеме подготвени за евентуален нов бран.
Ги зајакнуваме капацитетите за тестирање, се обидуваме да обезбедиме лекови кои што во рана фаза на болеста многу помагаат за ризичните, критичните болни, и исто така ги организираме сместувачките капацитети. Сега е периодот во кој можеме да здивнеме, и сега колегите кои две години без престан беа покрај болните можат да здивнат. Во моментов имаме околу 50 хоспитализирани луѓе низ државата, така што од секој поглед имаме простор за олабавување, рече Петличковски.