Бродот крстосувач „Москва“, предводник на руската флота во Црното Море е тешко оштетен во експлозија и целиот екипаж морал да биде евакуиран, потврди руското министерство за одбрана. Русите не објаснија зошто се случила експлозијата на „Москва“, но Украинците се пофалија дека тие го погодиле крстосувачот со два проектили. Иако оваа информација не може официјално да се потврди, загубата на Москва, бродот кој е предводник на руската флота во Црното Море од 2000-тата година, секако е голема морална победа и психолошки триумф за Украинците. Сепак, воените аналитичари предупредуваат дека Москва е стар брод а бомбардирањето на цели во Украина со крстосувачките проектили Калибар се спроведува од повеќе други модерни руски воени бродови.
Украинците се подготвуваат за очекуваната руска офанзива во регионот Донбас во источниот дел од државата и во таа насока претседателот Зеленски разговарал со американскиот лидер, Џо Бајден за новиот контигент американска воена помош.
Исто така разговаравме за новиот пакет на одбранбена помош за Украина. Се договоривме за 800 милиони долари во воена помош, вклучувајќи оружје, муниција, артилериски системи, оклопни транспортери, хеликоптери и други. Искрено сме благодарни за помошта, изјави Володимир Зеленски, Претседател на Украина.
Американската страна размислува и за испраќање висок претставник во Киев на средба со Зеленски, при што се разгледува можноста тоа да биде или Бајден или Камала Харис.
Во главниот град на Украина вчера во посета беа и претседателите на Балтичките држави и Полска, кои ветија дека со сите средства ќе ја помогнат власта на Зеленски во нејзиниот отпор против руската инвазија.
Дипломатските напори исто така се добредојдени, но иднината на Украина ќе биде одлучена на бојното поле. Вистината мора да победи, Украина мора да пбоеди. Покрај воената поддршка, мора да обезбедиме економска, финансиска и хуманитарна, изјави литванскиот претседател Гитанас Науседа.
Во 21-иот век, убивањето на жени и деца, бомбардирањето на згради и станбени блокови е тероризам и бандитство. Ова е прекршување на правилата на војната и меѓународното право. Ова е прекршување на сите правила, изјави Анджеј Дуда, Претседател на Полска.
Украинците соопштија и дека денеска ќе отворат 9 коридори за евакуација на цивилите во градовите кои веќе подолго време се под опасада на руските сили. Русија вчера соопшти и дека над 1000 Украински војници им се предале на руските сили во Мариупол, додека властите во Киев инсистираат дека градот се уште не е под руска контрола.
Жестоките борби во Мариупол, кој е речиси целосно срамнет со земја по 6 неделните жестоки руски напади, продолжуваат во индустрискиот комплекс Азовстал, каде се уште има дел од бранителите.
Никола Илиевски