Српските претседателски, парламентарни и белградски избори после еден изборен опозициски бојкот повторно ќе понудат шарени листи за избор. Најинтересната трка е за нов претседател н Србија, актуелниот претседател Александар Вучиќ има реден број 6 на гласачкото ливче, но ја одбележа кампањата поради тоа што излегуваше од фрижидер на реклами и во ТВ -шоу.
Фрижидерот како маркетиншки потег треба да ги привлече неопределените гласачи затоа што општо познато е дека Вучиќ навистина секаде се појавува, од отворање на патишта, патување со воз, самокритика за лоша енергетска политика, коментари за војната во Украина и санкциите за Русија. Секако, поголем дел од овие обврски се законски дадени на премиерот, но со години веќе Вучиќ се однесува и како премиер и како претседател и како шеф на месна заедница или јавно претпријатие.
Но, иако опозиционерски настроеното население му го смисли прекарот АВ, неговите иницијали за да асоцираат на лавеж на куче и „климањето со глава“ на истомислениците, Вучиќ е фаворит и за нов претседателски мандат.
Најсериозен противник му е ново лице во високата политика и човек од зад политичките кулиси, пензионираниот генерал Здравко Понош кој прифати да ја претставува опозицијата, односно најсериозниот опозициски блок „Движење за промени“ составен од Партијата за слобода и правда (партија на Ѓилас), Народната партија (Вук Јеремиќ), Демократската партија (во времето на убиениот Зоран Ѓинѓиќ и Борис Тадиќ- една од двете главни партии во српската политика), Движењето на слободни граѓани (предводена од Павле Грбовиќ кој денеска беше претепан од членови на владеачката СНС на Вучиќ), Обединетите синдикати на Србија „Слога“.
Понош (4-ти на гласачкото ливче) се надева дека ќе победи и дека Србија нема да го избере повторно автократскиот пат на досегашниот лидер Вучиќ. 60-годишниот Понош е роден во Книн, а военото образование го стекнал во Загреб.
Бил начелник на Генералштабот на српската армија, поставен од тогашниот претседател Борис Тадиќ, но поради судир со врвот на Министетрството за одбрана е разрешен, па пензионира. Долго време соработува со Вук Јеремиќ, а во Народната партија извршува и висока партиска функција. Беше шеф на кабинетот на Вук Јеремиќ, додека српскиот дипломат и политичар ја извршуваше функцијата, претседател на 67-мото Собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Кој е кој на листата на противкандидатите на Вучиќ за претседател?
Иако главни противкандидати, Вучиќ и Понош немаа предизборен дуел. Покрај нив има уште 6-мина кандидати за претседател на Србија.
Прв на гласачкото ливче е Миша Вациќ, кандидатот на групата граѓани „Српски патриоти – Миша Вациќ“, додека под број два кандидат на коалицијата „Мораме“ е Билјана Стојковиќ.
Под број три Бранка Стаменковиќ од листата на „Суверенисти“ која ја сочинуваат Здравјето на Србија, Доста беше и Живеам за Србија. Понош е 4-ти на ливчето, пред кандидатката на движењето Заветници, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски и актуелниот претседател Вучиќ.
Кандидатот на коалицијата НАДЕЖ (НАДА) Милош Јовановиќ е под реден број седум, додека ливчето на претседателски кандидати го затвора претставникот на Патриотскиот блок за обнова на Кралството Србија, Бошко Обрадовиќ, кој е лидер на пртијата Двери.
Три жени и 5-мина мажи се кандидираат, а најголем дел од кандидати се на десната страна на српскиот политички спектар.
Парламентарни избори за 250 пратеници- спикерот Дачиќ сака да биде премиер
Граѓаните ги избираат и идните пратеници во српското Собрание на парламентарните избори, а поднесени се вкупно 19 изборни листи на партии и коалиции.
За разлика од претседателските кандидати за кои имаше ждребка за редоследот, за парламентарните избори важеше правило „прв дојден, прв ставен на изборна листа“.
Затоа број 1 на листата за парламентарни избори е листата на коалицијата на владеачката СНС „Александар Вучиќ – Заедно можеме се“. Втора пријавила Социјалистичката партија на Србија со коалицијата предводена од актуелниот собраниски спикер Дачиќ кој сака пак да биде премиер што е наведено во името на изборната коалиција „Ивица Дачиќ – премиер на Србија“.
Број 3 е листата „Сојуз на Унгарците од Војводина – Иштван Пастор“, а следна е листата „Др Воислав Шешељ – Српска радикална партија“.
Главниот опозициски блок „Обединети за победа на Србија“, предводена од Мариника Тепиќ, е на местото број 5 на ливчето и е коалиција со истите партии кои го подржуваат Здравко Понош. Од познатите опозициски или долговечни имиња во српската политика за овие избори не се кандидираа Чедомир Јовановиќ, Ненад Чанак, Вук Драшковиќ.
Следен на ливчето е „Д-р Милош Јовановиќ – Надеж за Србија – Српска коалиција надеж“ под реден број шест, а листата „Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски – Српска партија на заветници“ е под број седум.
Листата „Аманет на муфтијата – Партија на правдата и помирувањето – Усама Зукорлиќ“ е под број осум, а станува збор за следбеници на рано починатиот муфтија Мустафа Зукорлиќ кој беше пратеник во српскиот парламент.
Потоа следува под број 9 листата „Мораме – Акција – Еколошко востание – Жолто – Да не го давиме Белград – Небојша Зеленовиќ“, во кој се урбаните противници на режимот на Вучиќ кои водеа големи еколошки протести против неговата визија за „Белград на вода“ и распеаните фонтани.
На 10-тата позиција се „Суверенисти“ – Саша Радуловиќ (Доста беше ДЈБ) – Милан Стаматовиќ (Здрава Србија) – д-р Јована Стојковиќ (Живеам за Србија) , а зад нив се ројалистите со листата „Бошко Обрадовиќ – Двери на српското движење – ПОКС – Милош Парандиловиќ – Патриотски блок за обнова на Кралството Србија.
Број 12 носи листата „Заедно за Војводина – Војводина“ (Демократски сојуз на Хрватите во Војводина, Заедно за Војводина), а потоа следи уште една регионална, но малцинска листа „СДА Санџак – д-р Сулејман Угљанин“.
ПОВЕЌЕ:ВИДЕО: Насилниците од партијата на Вучиќ тепаат опозициски лидер, па бегаат од сопругата која ги снима со телефон
Поранешниот претседател Борис Тадиќ не се здружи со останатите опозиционери кои го кандидираа генералот Понош за претседател бидејќи токму Тадиќ како српски претседател го назначи и го разреши. Помалата опозициона коалиција со големо искуство во битка против Вучиќ „Борис Тадиќ – Ајде луѓе – Социјалдемократска партија – Нова партија – 1 од 5 милиони – Толеранција на Србија – Обединето зелено движење на Србија – Бошњачка граѓанска партија – Партија на Црногорците“ е под број 14.
Следуваат две албански партии од југот на Србија, под број 15 на гласачкото ливче е листа „Алтернатива за промени – Албанска демократска алтернатива“, пред „Коалиција на Албанците од долината“ (16).
Следува листата „Киднапирани бебиња- Ана Пејиќ“ (17), а на 18. место е листата „Ромска партија – Срѓан Шајн“. На 19. место е листата на Алијансата на руското малцинство – Милена Павловиќ, Павле Бихали Гаврин (Српско-руско движење, Српско-руска партија Волци, Движење на грчките Срби- Сербиза).
Спортски дуел на светски легенди во кошарка и ватерполо за градоначалник на Белград
Во Белград граѓаните ќе гласаат за 110 советници во Градското собрание, кои потоа меѓу себе ќе го изберат градоначалникот. Во главниот град, опозицијата има сериозни шанси за победа со својот кандидат Владета Јанковиќ, додека владеачката СНС го кандидира поранешниот демократ кој по соло кариера пребегна кај Вучиќ, станува збор за ватерполистот Александар Шапиќ.
На белградските избори има уште еден познат спортист, легендарниот тренер на Партизан Душко Вујошевиќ кој за разлика од ватерполистот е во опозициски сојуз со Борис Тадиќ. На изборите во Белград се натпреварува и познатиот адвокат со македонски корени Тома Фила како претставник на СПС на Дачиќ.
Ватерполистот со многу златни медали, поранешен градоначалник на Нов Белград Шапиќ како кандидат за градоначалник на српската престолнина е на број 1 на ливчето како претставник на коалицијата „Александар Вучиќ – Заедно можеме се“.
Следува листата „Ивица Дачиќ – премиер на Србија, Тома Фила – градоначалник на Белград“ на коалицијата околу Социјалистичката партија на Србија
Листата „Д-р Воислав Шешељ – Српска радикална партија“ е на третото место, а под број четири е листата „Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски – Српска партија на заветниците“.
Под број 5 е листата „Владета Јанковиќ – Обединети за победата на Белград“. Јанковиќ е кандидат за градоначалник, а го поддржаа Партијата за слобода и правда, Народната партија Демократска партија, Движењето на слободни граѓани, Обединетите синдикати „Слога“, Движењето за промени. Успешно се бранеше од нападите на провладините медиуми како Пинк.
Следна, шеста, е листата на коалицијата Надеж, која ја сочинуваат Демократската партија на Србија (ДСС), Движењето за обнова на Кралството Србија на Воислав Михаиловиќ и 25 здруженија на граѓани, а нивен кандидат за градоначалник е Михаиловиќ.
Листа на коалиции „Мораме – За добар град“ чиј кандидат за градоначалник е претставник на движењето Да не го давиме Белград Добрица Веселиновиќ е на седмото, а по него следи листата „Душко Вујошевиќ – Борис Тадиќ – Ајде луѓе“ под број осум.
Листата „Немања Шаровиќ – За целиот нормален свет“, која е на деветтото место, ја предводи претседателот на движењето „Љубов, вера, надеж“, Немања Шаровиќ. На десеттото место е листата на „Суверенисти“, која ја сочинуваат Доста е (ДЈБ), Здрава Србија и Живеам за Србија, а кандидат за градоначалник е Војин Биљиќ (ДЈБ).
Следна, на 11. место е листата на коалицијата Патриотски блок за обнова на Кралството Србија, предводена од Двери и Движењето за обнова на Кралството Србија, Жика Гојковиќ, а нивни кандидат за градоначалник е лекарот Борислав Антонијевиќ. Сојузот на руското малцинство – Милена Павловиќ, Павле Бихали Гаврин (Српско-руско движење, Српско-руска партија Волци, Движење на грчките Срби) се последни на ливчето за избори за белградски градоначалник.
Во единствениот избирачки список за подрачјето на град Белград се запишани 1.600.463 избирачи, додека пред изборите за советници на Градското собрание во 2018 година имало 1.599.525. На подрачјето на град Белград ќе се гласа на 1.198 избирачки места.
Вкупно во Србија каде се гласа на претседателски и парламентарни избори, додека во два града и 12 локални самоуправи гласаат за состав на локални совети. Право на глас имаат 6.502.307 гласачи.
Гласачите можат да гласаат на 8.267 избирачки места, од кои 29 се во казнено-поправните установи, а 77 во странство (во Македонија избирачки места има во Скопје и во Куманово).
Покрај Белград се бара во Бор, Аранѓеловац, Књажевац, Кула, Мајданпек, Медвеѓа, Дољевац, Лучани, Севојно, Сечањ, Смедеревска Паланка, Кладово и Бајина Башта.