Притисоци врз гласачите, принуда и заплашување. Ова е оценката на набљудувачката мисија на невладината ЦРТА, за изборната капмања во Србија, а пред утрешното гласање на кои се избира нов претседател на државата, нови пратеници во Собранието и нова локална власт во некои општини. ЦРТА оценува дека ова е најлошата изборна кампања во Србија до сега.
- Различни дејствија со кои им се сугерира на граѓаните како да се однесуваат политички, дали за време на кампањата да и дадат поддршка на одредена политичка партија, да излегуваат на митинзи, да учествуваат во работи заедно со јавните претпријатија. Односно, ако не се ставиле себеси на располагање на партијата трпат одредени последици. Па така, на вработените во јавните институции, во јавниот сектор, им се укажува дека како последица може или да го изгубат работното место, или да не им биде продолжен договорот за работа- изјави Раша Недељков, Набљудувачка мисија ЦРТА.
Српската напредна партија на актуелниот претседател Александар Вучиќ, која е на власт десет години, водеше безмилосна медиумска капмања. Сите провладини медиуми на последниот ден од изборната кампања го имаа Вучиќ, кој бара втор претседателски мандат од граѓаните. Негов главен противник е Здравко Понош. Тој е кандидатот на опозицијата концентрирана околу прозападната коалиција што ја предводи поранешниот белградски градоначалник Драган Ѓилас.
Што се однесува до парламентарните избори, ова се вонредни парламентарни избори. За 250 пратеници во Собранието има 19 листи на партии и коалиции. До сега српското Собрание функционираше без опозиција, затоа што на изборите 2020-та година, дел од опозицијата ги бојкотираше со објаснување дека нема услови за фер избори, додека останатите опозициски партии тогаш не го поминаа изборниот праг.
Набљудувачите велат дека од тогаш до денес, работите не се многу променети.
- Кога зборуваме начинот на кој известуваа медиумите, пред се електронските медиуми, од друга страна притисоците врз гласачите и на трето место институциите кои за време на кампањата практично работеа во интерес на политичките партии, оние кои на власт, а не во јавен интерес. Значи, кога зборуваме за тие три хронични проблеми на изборниот процес во Србија, работите, за жал не се подобрија- Недељков.
Главната битка, освен за претседател, ќе се води и за градоначалник на Белград, односно за локална власт бидејќи градоначалникот не се бира на непосредни избори, туку се гласа за партии и коалции. Потоа тој што ќе има мнозинство во градското собрание, го избира градоначалникот.
Анкетите покажуваат дека српското општество е длабоко поделено пред утрешните избори. 32 насто од граѓаните сметаат дека сегашната власт е добра, 30 насто од испитаниците дека би било добро некој друг да дојде на власт, додека најаголем процент од испитаницие, односно 38 насто им е сеедно кој е на власт. Истото истражување на Демостат покажа и дека 43 насто од граѓаните сметаат дека изборите нема да бидат фер и слободни, додека приближно исто толкав број (40%) дека ќе бидат слободни.
Од Белград за Телма, Марија Дивитарова