Во интервју за руски новинари, украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше за важна точка во потенцијалните мировни преговори – можноста за неутралност на Украина, пренесува Си-Ен-Ен.
„Ние сме подготвени да го прифатиме тоа. Ова е најважната точка“, рече Зеленски.
Зеленски и украинските власти велат дека се подготвени да разговараат за неутралноста на Украина доколку НАТО не е подготвен да ја прифати земјата како членка на Алијансата. Тоа, теоретски, би исполнило едно од барањата на рускиот претседател Владимир Путин: Украина да се откаже од своите аспирации за НАТО.
Но, не е сè толку едноставно. Зеленски јасно стави до знаење дека Украина ќе одбие неутралност доколку нема правно обврзувачки безбедносни гаранции. Зеленски рече дека не го интересираат празни ветувања додека Украина е под руска инвазија.
„Сакам да бидам сигурен дека ова не е само уште едно парче хартија како Меморандумот од Будимпешта“, рече Зеленски.
Михајло Подољак, висок советник на Зеленски, рече дека безбедносните гаранции мора да вклучуваат посветеност на гарантите да и помогнат на Украина во случај на агресија. Важно е да се додаде дека неутралноста, каква што Путин може да ја смета за прифатлива, не е нешто што Зеленски едноставно може да го понуди. Аспирацијата за членство во НАТО е содржана во Уставот на Украина.