За суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата држава не се преговара, додека безбедносните гаранции за нашата држава се задолжителни, изјави во интервјуто за група независни руски медиуми, претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Во интервјуто за либералниот интернет портал Медуза, кој работи од територијата на Летонија, заради заканите кон независното новинарство во Русија, како и телевизијата Дожд, која ја прекина работата и е блокирана во Русија и весникот Комерсант, Зеленски сепак изрази подготвеност за отстапки, во контекст на членството на Украина во НАТО.
„Безбедносните гаранции и неутралноста, откажувањето од нуклеарното оружје, подготвени сме за тоа. Тоа е најважната работа. Тоа беше и првото и најважно нешто и за руската федерација, како што се сеќавам“ – изјави Зеленски.
Во интервјуто за кое, рускиот државен регулатор на работата на медумите, Роскомнадзор упати предупредување дека не смеат да го објават и дека започнале истрага со цел да се утврди степенот на одговорност и какви мерки ќе се преземат против медиумите кои го извршиле, Зеленски како апсурдни ги толкуваше тврдењата на официјален Кремљ за денацификација на Украина.
„Прво, видете, денацификација, демилитаризација, ние не разговараме за овие работи, јас реков дека нема ниту да седнеме на маса ако треба да зборуваме за некаква демилитаризација, некоја денацификација, ова се работи кои јас целосно не ги разбирам“ – вели украинскиот претседател.
Дел од новинарите сепак го објавија интервјуто и покрај заканите, меѓу кои најсериозната, за ширење лажни вести за активностите на руската армија предвидува и можна казна од 15 години во затвор.
Какви се проценките за економската штета за Украина? Војната во државата предизвикала материјална штета во износ од повеќе од 63 милијарди долари на инфраструктурата, според последната проценка на Киевскиот институт за економија.
Според проценките на економските последици од руската инвазија на Украина до 24-ти март – досега биле оштетени, уништени или запленети најмалку 4 431 станбени згради, заедно со 92 фабрики и складишта и 378 училишта.
Покрај тоа, оштетени, уништени или освоени се и 12 аеродроми, како и 7 термо и хидро централи.
Украина нема планови да отвори денеска хуманитарни коридори за евакуација на цивилите од градовите кои се под опсада, соопшти заменик премиерот на оваа држава.
Ирина Верешчук изјави дека одлуката била донесена заради разузнавачките информации кои предупредуваат на можни руски провокации по должината на коридорите. Најтешка е ситуацијата во јужна Украина , крај клучниот стратешки град Мариупол.
Овој град е на работ од хуманитарната катастрофа и мора да биде целосно евакуиран, изјави неговиот градоначалник.
Околу 160 000 цивили и натаму се заробени во градот кој е без електрична енергија, со малку храна и вода за пиење, изјави градоначалникот Вадим Бојченко.
Тој додаде дека 26 автобуси чекаат да ги евакуираат цивилите, но руските сили не дале согласност да им гарантираат безбедно заминување.
Црвениот Крст исто така потврди дека досега не успеале да достават каква било хуманитарна помош во Мариупол, бидејќи не ја добиле согласноста од двете завојувани страни во овој град.
Никола Илиевски