Опремено со душеци, ќебиња и кревети, со системи за вентилација и ротори за производство на електрична енергија, како и алати за самоспасување, вака изгледа едно од неколкуте функционални скривници во Скопје.
Во моментов се користи како магацински простор на Дирекцијата за заштита и спасување, но оттаму велат дека доколку се јави потреба, истото ќе биде пренаменето во скривница.
Магационерот Али Бајрам кој долги години се грижи за скривниците на територијата на Град Скопје, вели дека дел од засолништата биле реконструирани пред неколку години и се опремени со сите средства да примат граѓани во случај доколку се појави потреба од тоа.
Повеќето од скривниците се запоставени, полни со смет и узурпирани, а некои од нив се користат како магацински простор или подрумски простории.
Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека за потребите на директијцата дел од засолништата се реновирани и тоа во три во Општина Аеродром, две во Општина Гази Баба и три во Велес.
Прашањето во каква состојба се наоѓаат скривниците во Македонија стана актуелно со воената инвазија во Украина, а директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов упати смирувачки пораки до граѓаните да бидат спокојни, бидејќи како што рече НАТО ја штити безбедноста на земјава.
И додека дел од граѓаните се загрижени каде би се сокриле во случај на вонредна ситуација, некои од нив ваквата загржиеност ја користат да остварат профит продавајќи скривници на интернет по 3 евра од квадрат.
Мартин Николовски