Позитивни сигнали за договор за иранската нуклеарна програма. Иран и Меѓународната агенција за атомска енергија соопштија дека постои подготвеност да ги решат преостанатите прашања со „прагматичен“ пристап, надевајќи се дека ќе го обноват нуклеарниот договор од 2015 година.
- Одлучивме да ги разгледаме прашањата на прагматичен начин темелно, со јасна намера да постигнеме резултат- рече извршниот директор на МАЕЕ, Рафаел Гроси на заедничката прес-конференција со директорот на иранската нуклеарна програма Мохамад Еслами.
Техеран и Вашингтон индиректно преговараа повеќе од 11 месеци во Виена за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и шесте светски сили, од кој во 2018 година еднострано се повлече поранешниот американски претседател Доналд Трамп и потоа експресно ги обнови санкциите кон Иран, земјата која оттогаш постепено се повлекуваше од одредени одредби од договорот.
Дипломати од Велика Британија, Франција и Германија со месеци работат во Виена за да посредуваат меѓу делегациите на САД и Иран. Кина, па дури и Русија, им помогнаа во посредувањето, и покрај меѓународното несогласување предизвикано од нападот на Украина. Москва, сега, обара посебни гаранции од САД, како замена за поддршка на нуклеарниот доовор.