Вести Најважни Свет

Пропадна планираниот прекин на огнот во Мариупол и Волноваха

Во Украина продолжуваат засилени бомбардирања во неколку градови на 10-тиот ден од војната. Планираниот прекин на огнот во градовите Мариупол и Волноваха брзо пропадна. Прекинот на огнот требаше да започне во 09:00 часот по локално време, а првите евакуации започнаа два часа подоцна. Но, веднаш по објавувањето на прекинот на огнот, заменик-градоначалникот на Мариупол рече дека руските трупи сè уште го гранатираат градот, а борбите продолжиле и покрај договорениот хуманитарен коридор за извлекување на цивилите. Нема прекин на огнот долж рутата за евакуација, вели Орлов. Преку разглас на луѓето им било кажано да се вратат во скривниците. Преговорите меѓу двете страни продолжуваат, вели заменик градоначалникот во изјава за Би-Би-Си.

  • Ние разбираме дека ова не е вистина за руската страна, тие продолжуваат да го уништуваат Мариупол. Ние одлучивме да ги вратиме нашите граѓани назад, бидејќи не е безбедно на улиците, Сергеј Орлов, заменик градоначалник на Мраиупол.

Мариупол – клучното јужно пристаниште на Азовското Море со повеќе од 400.000 жители – со денови е под опсада на руските сили. Руското Министерство за одбрана соопшти дека прекинот на огнот бил прекршен кога украинските „националисти“ пукале врз нивните војници. Цивилите не ги користеле патиштата за бегство – и ги обвини украинските власти дека ги спречуваат луѓето да си заминат, објавија руските државни медиуми.

  • Денес, на 5 март, со почеток во 10 часот по московско време, од руска страна е прогласена состојба на прекин на огнот, а отворени се хуманитарни коридори за евакуација на цивили од градовите Мариупол и Волноваха. Хуманитарните коридори и патиштата за извлекување беа координирани со украинската страна, Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Во меѓувреме голема е веројатноста Русија да опколила четири клучни градови – Харков, Чернихив, Суми и Мариупол, соопшти Министерството за одбрана на Велика Британија. Украинската страна која објави како соборуваат еден руски хеликоптер, соопшти дека 66.000 мажи се вратиле дома од странство за да се борат за својата татаковина.

Долга низа луѓе бегаат од градот Ирпин, во близина на Киев, поминувајќи преку уништениот мост, кој беше дигнат во воздух од вооружените сили на Украина за да ги спречат руските трупи да напредуваат на украинската територија. По гранатирањата на руските авиони глетката во околните места на Киев е апокалиптична.

  • Вчера имаше напад токму овде, можете да видите. Тоа беше намерно. Едно лице од територијалната одбрана е убиено. Колите беа изгорени, видете. Не знам какви беа проектилите. Ова е трагедија. Гледате што се случува и како Мајка Русија ни помага? Таканаречени пријатели, Антон Сматски, локален жител.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пристигна во Полска на на разговори за руската инвазија на Украина.

Кремљ го брани новиот закон со кој се предвидува 15 години затвор за објавување „лажни вести“ за Русија, велејќи дека земјата се соочува со „информативна војна“, како одговор на тоа БиБиСи, Си-Би-Ес Њуз и Еј-Би-Си Њуз привремено ја прекинаа својата работа во земјата.  Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, утринава на новинарите им кажа дека Западот е ангажиран во „економска бандитерија“ против Русија и дека Москва ќе одговори. Тој не прецизираше каков ќе биде одговорот, но кажа дека ќе биде во согласност со руските интереси.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Променливо облачно – Временска прогноза за 11.5.2025

Дејан Дејан

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Врзан за бандера бара правда и помош за настраданите во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе