Вести Свет

Преговори меѓу Украина и Русија без големи очекувања – борбите не запираат

Во Белорусија , во тек се првите директни разговори меѓу високи претставници на Украина и Русија, откако руската армија, авијација и морнарица по наредба на Путин започнаа со инвазија на источниот сосед.

Украинците побараа прекин на огнот пред да почнат преговорите, како и повлекување на руската армија од територијата на нивната држава.

За властите во Киев, кои без прекин се под жесток удар на руската воена моќ, шансите за напредок се многу мали, но мора да се обидат да ја искористат секоја можност за излез од катастрофата која ги снајде.

 „Како што беше дискутирано со претседателите Зеленски и Путин, можете да се чувствувате целосно безбедно, тоа е наша света должност. Претседателот Лукашенко искрено се надева дека сите кризни прашања може да се надминат во текот на денешните разговори и сите Белоруси се молат за тоа.Сите ваши барања и предлози во однос на денешниот состанок ќе бидат прифатени и исполнети без прашања. Го чекаме резултатот“ – порача претставникот на белорускиот претседател.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, најави дека ќе ги ослободи затворениците со борбено искуство да помогнат во одбрана на земјата.

„Според воената состојба, учесниците во непријателствата, Украинците со искуство од водење борби, ќе бидат ослободени од затвор и ќе може да компензираат за својата вина со борба на најтешките места каде се војува.

Зеленски оцени дека во текот на, веќе петтиот ден од почетокот на руската инвазија, Украина преживеала ужаси со кои поголем дел од државите не се соочуваат и во повеќе децении.

Зеленски побара и итен прием на Украина во рамките на ЕУ, заблагодарувајќи се на помошта неговата земја ја добива од Унијата.

Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, сними и видео порака, објавена на инстаграм, на која на руски јазик им се обраќа на граѓаните на Руската федерација и бара од нив да извршат притисок врз Путин за запирање на војната.

Вие ќе ја платите високата цена на одлуката на вашиот претседател, изјави Кулеба, посочувајќи на острите санкции со кои обичните руси нема да може да плаќаат со своите кредитни карти или да патуваат во странство, како и на опасноста од инфлацијата и падот на вредноста на рубљата.

„Мислам дека вие имате многу едноставно средство да го запрете ова лудило. Барајте од Путин да ја прекине војната. Украина не нападна никого и не планира да нападне никого. Сакаме да живееме во мир. Но, за таа цел, Путин мора да ја запре војната и уништувањето на Руската економија, кое веќе започна и од кое ќе страдате. Спасете ја својата земја. Барајте од Путин да ја запре војната“ – им порача на руските граѓани, шефот на украинската дипломатија.

Руската армија, од своја страна, тврди дека веќе има воздушна надмоќ над целата територијата на Украина.

Портпаролот на министерството за одбрана Игор Конашенков оцени дека Киев е тероризиран од вооружени Украински националисти, кои ги користат граѓаните како штит.

Според него, руските трупи оставиле безбеден коридор низ кој може да се повлечат цивилите од главниот град на Украина.

„Киев е тероризиран од вооружени банди на бандити, криминалци и националисти кои добија оружје заради криминалната одлука на владата да им даде оружје на цивилите. Се обраќаме до жителите на Киев. Сите цивили кои во моментов се во градот, може да го напуштат главниот град преку автопатот Киев-Василков, без никави пречки. Тој пат е отворен и безбеден“ – порача Конашенков.

Според информациите, најголем дел од руските трупи се позиционирани на 30 км оддалеченост од Киев.

Жестоки борби се водат и околу други поголеми урбани центри, бомбардиран бил и градот Чернигов во северо-источниот дел од земјата.

Во одбрана на земјата мобилизирани се и десетици илјади луѓе доброволци.

„Ние бевме нападнати од Русија пред долго време. Војната трае веќе 8 години. Ги браниме своите домови, затоа овие едноставни луѓе станаа резервисти. Тие имаат патриотски духови на Козаците. Тие знаат што да прават и ќе го запрат непријателот. Слава на Украина“ – пркосно порача еден украински доброволец.

Според проценките на западните разузнавачи, Русија досега активирала околу 2/3-тини од воените сили кои биле распоредени околу Украина во периодот пред да започне инвазијата врз Украина.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи нови кадровски решенија по одлуката на Таравари

Дејан Дејан

Врховниот суд ја укина пресудата со 3 години затвор за Васил Јованов, но Кривичниот ја наведе како отежителна околност при изрекувањето на 12 години затвор за прегазувањето на Фросина Кулакова

Дејан Дејан

Петрески: Трошокот за општеството е поголем од унгарски кредит, бидејќи каматната стапка ја плаќаат даночните обврзници

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе