Вести Најважни Свет

Нови воздушни напади во Киев по завршувањето на првиот круг преговори во Белорусија

Откако преговарачите го напуштија Гомељ, противвоздушните сирени повторно се огласија во Киев а покрај бомбардирањето, жителите на украинската престолнина се појасно ги слушаат и борбите кои се водат во и околу градот. Жестоки борби, според украинските власти се водат и кај Харков и Чернихив.

Единствена точка на која што по пет часовни разговори се согласија двете страни, беше продолжување на преговорите, а советникот на Зеленски, Микаило Подољак оцени дека „руската страна сѐ уште е крајно пристрасна во однос на деструктивните процеси што ги започна.“ Преговорите ќе продолжат за неколку денови, откако делегациите ќе направат консултации со своите влади, а втората средба ќе се одржи на полско-белоруската граница.

За тоа време ги разгледавме сите точки на агендата, пронајдовме некои точки на кои можеме да најдеме заеднички став. Најважно, се согалсивме дека преговарачкиот процес треба да продолжи, изјави шефот на руската делегација Владимир Медински.

Откако Белорусија беше обвинета дека ја помогнала инвазијата, затоа што дел од руските сили во Украина навлегоа токму преку нејзина територија, министерот за надворешни работи Владимир Макеј тврди дека напорите на Минск биле клучни во седнувањето на двете завојувани страни на преговарачка маса.

Белоруската страна не бега од одговорноста, како што беше кажано од некои извори. Ние сме подготвени да го дадеме нашиот придонес кон решавањето на оваа криза, рече Макеј.

Претходно Владимир Путин во телефонски разговор со Емануел Макрон, му порачал на францускиот претседател дека постигнувањето спогодба е можно, но само ако се во предвид бидат земени руските забелешки и трите услови, признавање на руската власт над Крим, демилитаризација и денацификација на Украина, и гарантирање на нејзиниот неутрален статус.

Во меѓувреме, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Анкара ќе ги затвори Дарданелите на влезот на Црното Море за борбените бродови на Русија и Украина. Конвенцијата од Монтро од 1936 година ѝ го дава тоа право на Турција, и одлуката доаѓа откако Киев официјално побара затварање на теснецот, но не и пред преку него да поминат повеќе руски борбени бродови изминативе неколку недели. Ердоган порача дека Турција сака да ги задржи блиските односи и со двете земји.

Нема да ги загрозиме нашите национални интереси, но нема да го занемариме регионалниот и глобалниот баланс. Велиме дека нема да се откажеме ниту од Украина, ниту од Русија, изјави Ердоган.

Генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш од говорницата на Генералното собрание на светската организација, кое во моментов ја одржува првата вонредна седница по повеќе децении, порача „доста е веќе“ и изрази надеж дека преговорите ќе резултираат со крај на борбите, во спротивно оваа голема регионална криза ќе има катастрофални последици за целиот свет.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи нови кадровски решенија по одлуката на Таравари

Дејан Дејан

Врховниот суд ја укина пресудата со 3 години затвор за Васил Јованов, но Кривичниот ја наведе како отежителна околност при изрекувањето на 12 години затвор за прегазувањето на Фросина Кулакова

Дејан Дејан

Петрески: Трошокот за општеството е поголем од унгарски кредит, бидејќи каматната стапка ја плаќаат даночните обврзници

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе