Италија, откако ЕУ го затвори својот воздушен простор за руските авиони, ги советува своите граѓани да ја напуштат Русија со секое транспортно средство што им е на располагање. ЕУ донела ваква одлука откако голем број од 27 членки, меѓу кои и Италија, поединечно решиле да го затворат својот воздушен простор за руските авиони.
„Имајќи ја предвид оваа мерка и можните подоцнежни ограничувања во наредните часови, силно им препорачуваме на италијанските граѓани кои привремено престојуваат во Русија, како туристи, деловни луѓе или студенти, да се организираат и да се вратат во Италија со сите можни транспортни средства што им се на располагање. “, соопшти Министерството за надворешни работи.
Министерството, исто така, им препорачува на сите да ги одложат планираните патувања во Русија. Руската авиокомпанија Аерофлот во понеделникот објави дека ги суспендира сите летови кон Европа.