Исцрпени, облечени во зимски јакни и нагрнати со ќебиња кои треба да ги заштитат од смрзнувачките температури, големо број жени и деца продолжија да ја напуштаат Украина.
Најмногу ги има на граничниот премин Медука, кон Полска, каде веќе преминале над 220 илјади лица. Над 7.000 автомобили биле наредени на премините на полската граница, а линијата се протегала околу 30 километри.
Некои се пречекувани од роднини и пријатели, други брзаат кон бегалските центри, каде им се делат топли напивки.
Истата судбина ја делат и студентите од другите земји, што студирале во Украина.
Руската војска денеска најави „отворен и безбеден“ коридор за украинските цивили да го напуштат главниот град Киев.
Претходно, четириесет украински граѓански здруженија упатија заеднички повик до Западот да воспостави безбедни зони за бегалците.
Засега нема прецизни информации колку точно луѓе ја напуштиле Украина. Според УНХЦР, бројoт е над 500.000.
ЕУ едногласно прифати да ги прими бегалците до три години без тие да мора да поднесат барање за право на азил.
Германската железничка компанија „Дојче Бан“ понуди бесплатен превоз за сите Украинци кои сакаат да стигнат во Германија од полско-украинската граница, а слична понуда најавија и Австриските државни железници.
Букинг платформата „Ербиенби“ објави дека ќе обезбеди бесплатно, привремено сместување за 100.000 бегалци. Шефовите на компанијата испратија писмо до лидерите на Полска, Романија, Германија и Унгарија, нудејќи помош за сместување на луѓето кои бегаат од руската инвазија.
Овие четири држави ја делат границата со Украина и, покрај Молдавија, од почетокот на инвазијата примаат бегалци.
Помош најавија и Хрватска и Словенија, со капацитет да примат меѓу 180.000 и 200.000 бегалци.
Денеска првите Украинци пристигнаа и во Србија. Засега тоа се луѓе кои доаѓаат кај роднини и пријатели, но од оваа држава најавија дека има места за прием на околу 6.000 лица.
Од македонското МНР не ја исклучија можноста да примат бегалци, но сметаат дека сме географски далеку за да дојдат кај нас.
Аналитичарите, сепак, сметаат дека мора да се направат поорганизирани подготовки.
Повеќето од оние што бегаат се жени и деца, бидејќи на сите мажи на возраст од 18 до 60 години им е наредено да останат и да се борат.
Европската комисија ја корегираше првичната проценка од 5 милиони бегалци и ја прошири на над 7 милиони.
Далиборка Демјанска Цветановска