Вести Свет Топ вести

Тешко оди евакуацијата на македонските државјани од Украина, бегалската криза се засилува

Ноќта ја поминале во скривница, а таму им поминува и поголемиот дел од денот. Македонскиот амбасадор во Украина, дипломатот и уште две лица, кои се наоѓаат во амбасадата, засега не можат да ја напуштат Украина, како и останатите македонски државјани кои инвазијата на Русија ги затекна на украинска територија.Најризично е во Киев, кој е опколен.

Министерот кажа и дека лично контактирал со семејство со едногодишно дете, кое е во источниот дел од Украина и додаде дека има и неколку наши граѓани во Одеса.Разговарал со министерката за надворешни работи на Бугарија, кои имаат конзулат во Одеса, со нивните автобуси, со кои ќе ги преземаат нивните граѓани, да ги земат и нашите. Доцна синоќа и нашиот амбасадор разговарал со бугарскиот генерален конзул во Одеса, за да ги информираат нашите граѓани каде да чекаат. Вели дека се во комуникација и со други земји за истото, но, засега нема коридор за излез.Османи не очекува бегалци и кај нас, затоа што сме географски далеку од Украина, но не ја отфрли и таа опција.

Во меѓувреме, УНХЦР соопшти дека стотина илјади граѓани на Украина веќе се во бегство и дека се случува „значително раселување“ на населението.

Полските власти досега ги пропуштаа само жените и децата да ја поминат границата, откако Украина им забрани да ја напуштат земјата на сите мажи на возраст од 18 до 60 години, кои треба да бидат регрутирани.

Вчера околу 100.000 луѓе чекале на граничниот премин Медука, близу градот Л`вив, но се верува дека околу милион бегалци многу бргу ќе бидат на границата. Електронскиот систем за проверка на пасошите се урнал,  а сомневањата се дека бил хакиран од страна на руските власти. Тие што сакаа вчера да влезат во  градот Медик во јужна Полска, на границата чекаа по 16 до 18 часа на ужасниот студ.  Граничните власти соопштија дека 29.000 луѓе влегле во Полска вчера, но не е познато колку биле воени бегалци, а колку Полјаци кои се вратиле дома.

И на границата со северна Романија, колони автомобили чекаа да се качат на траект преку Дунав до градот Исачеи, кој се наоѓа меѓу Молдавија и Црното Море.Се пропуштаа само жени и деца, а иако повеќе од 10 илјади Украинци преминале во земјата, само 11 од нив поднеле барање за статус на бегалци во Романија.

На украинско-унгарската граница колоната возила со луѓе кои бегаат од конфликт е долга неколку километри. Унгарските власти очекуваат дека бројот на бегалци во нивната земја би можел да достигне и до 500.000 луѓе.

Од Молдавија соопштија дека во последните 24 часа примиле речиси 16 илјади бегалци. Повеќето сакале да продолжат во ЕУ, но најмалку 100 побарале азил во Молдавија.

Обединетите Нации претходно предупредија дека инвазијата на Украина може да предизвика огромна бегалска криза со околу 5 милиони бегалци.

Далиборка Демјанска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израел се заканува со еднострани мерки при признавање на палестинска држава

Дејан Дејан

Скопје и Скопскиот регион зафатени со врнежи од дожд и засилен западен ветер

Дејан Дејан

Трамп го повика Киев да преговара со Моксва за прекин на огнот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе