Вести Најважни Свет

Нови експлозии одекнаа во Киев – Зеленски порача дека не го напушта Киев

Тешка ноќ за главниот град на Украина, Киев, кој е под силен притисок на руските сили.

Најмалку 5 силни експлозии оддекнале ноќеска во Киев, потврди и градоначалникот Виталиј Кличко, додавајќи дека барем една од нив се слушнала во близина на една од електричните централи северно од градот.

Руските војници се се поблиску и до главниот град на државата, Киев, каде веќе се регистрирани повеќе инциденти со руски војници кои се маскирале во припадници на украинската армија, во обид да се инфилтрираат во градот.

Според украински, но и американски и британски разузнавачи, целта на руските трупи е да го обиколат градот од сите страни.

Најголем дел од руските трупи, според овие проценки се уште се околу 50-тина км оддалечени од Киев.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, објави снимка на социјалните мрежи, на која тој е снимен со своите најблиски соработници, по бројните шпекулации објавени во најголем дел на руските социјални мрежи, дека побегнал и ја напуштил Украина.

„Лидерот на парламентарната фракција е тука, шефот на мојот кабинет е тука, премиерот Шмихал е тука, советникот Подољак е тука, Претседателот е тука. Сите ние сме тука. Нашите војници се тука, граѓаните се тука, сите ние сме тука. Ќе ја браниме нашата независност, нашата држава, така ќе биде и понатака. Слава на нашите бранители! Слава на нашите херои! Слава на Украина“ – изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Во брифингот за рускиот совет за безбедност, претседателот Владимир Путин, ги обвини, како што рече, украинските нео-нацисти, дека ги користат цивилите како жив штит но и побара од украинската армија да престане со воените операции и да го сврти своето оружје против власта во Украина.

„Уште еднаш, апелирам до војниците на Украинската Армија. Не им дозволувате на нео-нацистите и приврзаници на Бандера да ги користат вашите деца, жени и стари луѓе како човечки штит. Земете ја моќта во своите раце. Се чини дека нам ќе ни биде полесно да се договориме со ваш отколку со оваа банда зависници од дрога и нео-нацисти, кои се распоредија во Киев и го земаа Украинскиот народ како заложник“ – изјави Путин.

Во Киев, армијата на Украина се подготвува за одбрана на градот а подготвени да се борат за своите домови се и обичните луѓе.

На доброволците и резервистите во Киев им биле поделени околу 18 000 парчиња автоматско оружје со муниција.

Според информациите, цивилите заедно со припадниците на украинската армија, артилеријата и тенковите се позиционирани во одбранбени позиции и го очекуваат нападот на руската армија.

Украинската влада претходно уште вчера прогласи воена состојба и им забрани на мажите на возраст од 18 до 60 години да ја напуштат земјата.

Британски разузнавачки извори тврдат дека во војната во Украина досега биле убиени најмалку 450 руски војници.

Сите информации за бројот на загинати војници од двете страни засега не може независно да се потврдат.

Организацијата за заштита на човековите права, Амнести Интернешнл ја обвини денеска Русија дека лаже за наводната употреба на прецизни проектили и дека покажува огромно непочитување на животите на цивилите во текот на своите воени операции.

Нападите на руската армија со балистички проектили и друг вид оружје може да претставуваат и воени злосторства, обвини Амнести.

Иако фокусот сега е Киев, тензиите и стравот од руската инвазија се присутни на територијата на целата Украина.

Во градот Одеса, на Црното Море, граѓаните се исплашени за своите и животите на своите најблиски.

„Секако, ние сме загрижени за тоа што се случува сега во Киев. Јас сум загрижена за децата и не можам да разберам зошто се луѓето тивки во Русија, зошто мајките на тие војници кои умираат тука не излезат, како е можно тоа? Колку од нашите деца беа убиени. Ова е ноќна мора“ – изјави една жителка на Одеса.

Жестоки борби се водат и околу вториот град по големина во државата Харков, како и на југот од државата во близина на градот Мариупол

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Таравари: За излегување од Влада ќе одлучуваат партиските органи

Дејан Дејан

Мојсоска Блажески: Сакаме пазарна економија, а бараме државен интервенционизам

Дејан Дејан

Го гледаат како средство за коцкање – Талибанците забранија играње шах

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе