Најмалку пет експлозии одекнаа во Киев, најверојатно резултат на руски ракетен напад врз цели во украинската престолнина. Информацијата за експлозиите ја потврди градоначалникот на Киев, поранешниот боксерски шампион во тешка категорија Виталиј Кличко.
Сè уште го дознаваме деталите. Ситуацијата сега, без претерување, е заканувачка за Киев. Ноќта ќе биде многу тешка, оцени Кличко.
Новинската агенција Ројтерс јави дека жестоки престрелки проследени со артилериски салва се слушаат од западните делови на градот.
Претходно повеќе западни медиуми соопштија дека се водат борби и во северните населби на Киев.
Сите информации од терен, за местата каде се водат борби и за движењето на руските сили покажуваат дека оклопните дивизии ја опколуваат украинската престолнина.
Претходно украинскиот министер за внатрешни работи потврди дека украинската армија пристигнала и зазема одбанбени позиции околу Киев. Властите исто така соопштија дека распределиле 18.000 автоматски оружјана доброволци во Киев, а министерството за одбрана на социјалните мрежи објави инструкции како се прави молотов коктел.