Вести Свет

ЕУ ќе ги санкционира Путин и Лавров

Европската унија ќе ги санкционира рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.

Ги ставивме на списокот рускиот претседател Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, изјави Бербок додека пристигнуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Таа додаде дека двајцата се одговорни за тоа што во Украина умираат невини луѓе, а одговорни се, според неа, затоа што се нарушува меѓународниот систем, а ЕУ тоа не го прифаќа.

Претходно шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел изјави дека тој лично го поддржува санкционирањето на претседателот на Русија Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров поради воената интервенција во Украина.

Лидерите на ЕУ веќе разговараа за ова, но им ја префрлија топката на министрите да го финализираат договорот. Работев на тоа и мислам дека ако нема изненадувања и забелешки, бидејќи за тоа ни треба консензус, Путин и Лавров ќе бидат на списокот, рече Борел.

Лидерите на ЕУ изутринава се согласија да воведат втора транша мерки наменети за осакатување на руската економија. Министрите за надворешни работи треба да ги потпишат новите санкции денеска попладне, а цел ќе бидат повеќе банки, државни компании и поединци, заедно со клучните сектори на руската економија. Според најавите, Путин и Лавров ќе бидат на тој список.

Пристигнувајќи на вонредниот состанок на Советот на ЕУ, кој денеска треба да го усвои вториот пакет санкции против Русија, Борел нагласи дека мора да се продолжи со санкции за Москва во зависност од „однесувањето на Русија“.

Се соочуваме со целосна инвазија на земјата од друга држава. Ова не е операција на специјални сили, ова е целосна инвазија со бомбардирање, убивање цивили и конфликт меѓу две војски. Ова е најлошото нешто што се случило во Европа од крајот на Студената војна, рече Борел.

Тој нагласи дека разговарал со бројни меѓународни лидери, вклучително и со претседателот на Кина, барајќи од нив да го искористат своето влијание врз Москва со цел да се почитуваат суверенитетот и интегритетот на „сите, вклучително и Украина“.

Борел додаде дека е важно што ќе кажат меѓународната заедница и ОН за оваа ситуација кога целиот свет е соочен со фактот дека „силна држава сака да изврши воена инвазија на сосед кој не направил ништо против неа“.

Русија се однесува на начин што ќе ги загрози мирот и стабилноста за нас Европејците и за остатокот од светот. Мора тоа да го осудиме. Ги повикуваме сите во светот да гласаат во ОН и да ја осудат Русија. Доколку не дојде до таква осуда, тоа значи дека владее правото на џунглата и правото на посилниот, а целиот меѓународен систем ќе биде доведен во прашање, објасни Борел.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израел се заканува со еднострани мерки при признавање на палестинска држава

Дејан Дејан

Скопје и Скопскиот регион зафатени со врнежи од дожд и засилен западен ветер

Дејан Дејан

Трамп го повика Киев да преговара со Моксва за прекин на огнот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе