Вести Најважни Свет

Официјален Киев мобилизира резервисти, ќе прогласи вонредна состојба и ги повика Украинците да ја напуштат Русија

Прогласување вонредна состојба во државата, апел до Украинците да ја напуштат Русија и делумна мобилизација на резервниот состав на Армијата.

Украина се подготвува за ескалација на конфликтот со Русија, откако Владимир Путин ја призна независноста на проруските сепаратисти во Доњецк и Луганск.

Само сугестијата до Украинците кои живеат во Русија да ја напуштат таа земја, ќе има драстични последици врз животите на најмалку 3 милиони луѓе, додека исто така голем е и бројот на граѓаните на Украина кои имаат членови на семејствата во двете држави.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потврди дека потпишал наредба за делумна мобилизација на воените резервисти, во период од најмалку една година.

„Денеска нема потреба од целосна мобилизација. Потребно е бргу да додадеме дополнителен број луѓе во Украинската армија и другите воени формации. Како врховен командант на Украинските вооружени сили, објавувам декрет за мобилизирање на резервистите во посебен временски период“ – изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Украинците се мирољубиви, порача Зеленски, но и додаде:ако денеска бидеме мирни, утре ќе исчезнеме.

Истовремено, шефот на националниот Совет за безбедност и одбрана Олексеј Данилов, најави дека во Украина е неопходно да се прогласи национална вонредна состојба, која треба да ја одобри Парламентот на државата.

„Таа одлука ќе вклучува зајакнување на јавниот ред и безбедноста на критичната инфраструктура. Може да вклучува и рестрикции на одредени видови транспорт и дополнителни проверки на транспортот. Исто така може да вклучува и контрола на документите на поединци“ – оцени секретарот на Украинскиот национален совет за безбедност и одбрана, Олексеј Данилов.

По руската одлука за признавање на сепаратистичките региони во Украина и вчерашната прва рунда санкции од Западот против официјална Москва, сите очи се вперени кон Русија, поточно нејзиниот лидер Владимир Путин.

Она што најмногу ги загрижува Западните сојузници е неговото тврдење дека Кремљ ги признал ткн народни републики во Доњецк и Луганск, во границите во кои тие прогласија независност, што е многу поголема територија од онаа која ја контролираат во моментов и на пример го вклучува и пристаништето на Црното Море, градот Мариупол.

Путин денеска повторно го обвини Западот дека го игнорирал апелот на властите во Москва да биде изграден стабилен систем на безбедност, кој би служел за одбрана на сите земји

Тој додаде и дека Русија останува отворена за дипломатски решенија, но не по секоја цена.

„Нашата земја е секогаш отворена за директен и искрен дијалог и спремна да трага по дипломатски решенија за најкомпликуваните проблеми. Но, сакам да повторам дека интересите на Русија и безбедноста на нашите луѓе е наш главен приоритет“ – предупреди Путин.

Пред целосен колапс се и сите дипломатски обиди за пронаѓање излез од безбедносната криза.

Ништо од најавениот самит Бајден-Путин а Соединетите држави ја откажаа и средбата на шефовите на дипломатиите на двете држави, Блинкен и Лавров, која требаше да се одржи утре во Женева.

„Сега кога гледаме дека инвазијата започна, Русија целосно ја отфрли дипломатијата. Нема смисла да продолжиме понатаму во оваа средба, во овој миг. Се консултирав со нашите сојузници и партнери и сите се согласија, по што денеска му пратив писмо на Министерот за надворешни работи, Лавров, со кое го информирам за оваа одлука“- кажа Ентони Блинкен.

Шефот на Украинската дипломатија на твитер ги поздрави санкциите против Русија, истовремено барајќи нивно засилување, веднаш и без одлагање.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Малиот Амр меѓу животот и смртта– симбол на страдањето на децата во Газа

Дејан Дејан

Хезболах одбива разоружување додека Израел не се повлече од јужен Либан

Дејан Дејан

Десетици илјади шиитски муслимани маршираат кон Карбала за Ашура

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе