Градоначалникот на Бутел Дарко Костовски на својот официјален градоначалнички профил објави фотографија со најуспешниот македонски олимписки спортист Дејан Георгиевски во базен и со текст на англиски
Back to the Olympic dreams
#Paris2024Olympics
#UberMazedonien
Костовски кој е тренер на теквондистот Георгиевски на тој начин најави почеток на подготовките за наредните олимписки игри во Париз за кои младиот теквондист се надева дека ќе обезбеди и олимписка норма и нов медал за татковината.
Георгиевски, кој беше малку познат во Македонија до Олимпијадата во Токио, ги израдува сите со успешните борби и пласманот во олимпиското финале во теквондо. Во финалето не успеа, но обезбеди прв олимписки медал за државата од 2000-та година кога натурализираниот борач Могамед Ибрагимов под македонското знаме освои бронза.
Дејан Георгиевски кој лани стана најуспешен олимписки спортист во Македонија, среброто го прослави и со тетоважа на рамето. На тетоважата е нацртано олимпиското сребро на штит во боите на државното знаме и со олимписките кругови.
Тренерот Костовски пак спортската активност не ја објави на приватниот тренерски ФБ профил туку на официјалниот профил на градоначалникот на општина Бутел од каде е сребрениот олимпиец Георгиевски.