Се бројат последните денови пред да истече рокот на употреба на околу триста илјади дози „Фајзер“. Крајот на февруари е последна шанса да бидат потрошени, но интересот за вакцинација не е ниту приближен.
Претходно, од Министерството за здравство информираа дека откако ќе им истече рокот на овие вакцини – веднаш потоа започнува постапката за нивно уништување, односно да се среди документацијата и административно да се заведат во документите сите детали, а потоа вакцините да бидат фрлени во печките.
Сепак до директорот на „Дрисла“ сè уште не пристигнал никаков допис.
„Сè уште немаме доставено барање за уништување на вакцини со поминат рок така што не можам да кажам за која количина се работи и дали можеме да ја истретираме. Јас верувам дека ние можеме да ја истретираме колкава и да е таа количина на лекови со поминат рок“ изјави Јане Мицевски, директор на ЈП Депонија „Дрисла“.
Кога и да пристигнат, ќе бидат спалени во печка на „Дрисла“ специјализирана за медицински отпад, со нов стерилизатор.
Засега, само за одредена количина вакцини е добиена дозвола за уништување, информираат од Министерството за здравство.
Не прецизираат кои вакцини се од кој датум и колку дози допрва влегуваат во процедура за дозвола за уништување.
„До овој момент е добиена дозвола за уништување 65.978 дози вакцини против КОВИД-19, со поминат рок на употреба. Вакцините се производ на „Фајзер“ и „АстраЗенека“. Уништувањето на вакцините се реализира по прецизно утврдена законска процедура од фирмата која е овластен уништувач. Бројот на вакцини кои се повлекуваат од употреба не е фиксен и се менува на дневна основа“ велат од Министерството за здравство.
Новиот стерилизатор на депонијата „Дрисла“ е пуштен во употреба денес, а функционира така што го дроби отпадот на мали тенки парчиња.
Станува збор за отпад како игли, шприцеви, завои, гази и друг отпад од болниците и лабораториите, а овде ќе завршуваат и сите неупотребливи вакцини.
„Повеќе нема да има несоодветно, односно несовесно согорување на медицинскиот отпад којшто досега беше третиран практично како обичен отпад“ изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Во меѓувреме, здравствените власти постојано набавуваат нови дози.
Месецов пристигнаа 250 илјади дози „Фајзер“ донирани од Италија, а нови 500 илјади дози ќе се испорачаат од мај до декември преку директниот договор на Владата и производителот, информираа од Министерството на почетокот на месецов.
Следниот месец започнува испораката и на педијатриски дози вакцини на „Фајзер“ наменети за деца од 5 до 11 години. Во меѓувреме Македонија и понатаму едвај се приближува до 50 проценти вакцинирано население.
Петар Догов