Вести Македонија Топ вести

Од први февруари ќе има дел од општинскиот линиски превоз во Куманово

По еден месец агонија, без градски превоз во Куманово, од први февруари дел од општинските линии за кои нема поднесено жалби од фирмите кои аплицирале на тендерот на општина Куманово би требало да  започнат да возат. За шест линии има поднесено жалби и за нив ќе се чека да одлучи второстепената комисијата во ресорното министерство за транспорт и врски. За линиите кои нема поднесено жалби денеска ќе се потпишат договори и тие линии ќе започнат да се возат од први февруари, изјави градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.

– Проблемите со јавниот превоз се последователни, поради локалните избори не бевме во можност да донесеме нова одлука и да дадеме можност на сите компании, превозници во градот да учествуваат на тендерот и да престанеме со праксата да се фаворизираат исти компании, што беше старо искуство. Таквата одлука мораше да ја донесе советот на општина Куманово, а поради техничките пропусти имавме проблем да ја донесеме одлуката за употреба на современи и еколошки возила. Во месец јануари немавме јавен превоз и јас јавно им се извинувам на граѓаните, а општина Куманово има свои приоритети, заштита на животна средина и употреба на возила со минимум евро четири стандардите, а тоа се еколошки возила, што беше и услов за аплицирање на тендер, вели Димитриевски.

Како што вели Димитриевски проблемите со јавниот превоз во општината нема да се одразат на превозот на учениците кои од први февруари тргнуваат на училиште и користат превоз.

– Превозот на учениците е независна постапка и секое училиште согласно законските можности може за итни и неодложни работи да си потпише договор со превозници кои ќе вршат превоз на ученици во училиштата што значи дека за децата ќе има обезбедено превоз. На општината останува дополнително да го провери квалитетот на возилата кои што се декларирани на тендерската постапка дали ги исполнуваат сите нормативи и критериуми кои се наведени во тендерската постапка, изјави градоначалникот.

Од 1 јануари, граѓаните на Куманово останаа без градски превоз, како алтернатива да се превезат користат такси услуги за кои велат дека им е скапо, а жителите на поблиските населби одат и пеш.

Најголем проблем со кој секојдневно се соочуваат е како да стигнат до работното место затоа што нема доволно такси возила да ги превезат.

Во Општина Куманово јавен градски превоз користат над 15.000 граѓани, од тоа 5.000 ученици во основните и средни училишта.

Општината распиша оглас за 26 линии, а 9 превозници се пријавиле за 19 линии, за седум линии немало заинтересирани компании.

Сузана Андоновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Калајџиев: Сите влади кај нас практикувале реформски илузионизам, давајќи лажна надеж дека со измена на закони ќе се подобрат состојбите

Дејан Дејан

Петковска: Организацијата на судењето за пожарот во „Пулс“ ќе биде голем предизвик за Кривичен

Дејан Дејан

Трамп: Разочаран сум од Путин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе