Економија Најважни

Синдикатот се закани со штрајк доколку до среда не се договорат со владата за минимална плата

Разочарани и незадоволни, вака синдикалците излегоа од средбата во Владата каде им пропадна надежта дека по две одлагања сега конечно ќе постигнат договор.

Бараат минималната плата да се зголеми на 18.000 денари веднаш и да се усогласат и сите други плати, како и К-15 да добијат сите вработени во јавниот сектор. Велат добиле „ќе“ како одговор, кој не го пригфаќаат. Сепак дават последена шанса во среда. Ако и тогаш не падне договор на Економско Социјалниот Совет, на кој ќе присуствуваат и работодавачите, тогаш ќе има генерален штрајк.

Како ССМ не го прифаќаме зборот „ќе“ туку кога и колку. Затоа сум малку револтиран од страна на односот на нашите социјални партнери. Еве во среда на ЕСС е последната шанса каде треба да ги договориме овие две прашања. Доколку не биде, јавно кажувам, го повикуваме работникот и македонскиот народ на штрајк каде ќе го изразиме нашето незадоволство, бидејќи со 15.200 денари нека повелат социјалните партнери нека живеат и нека си ги платат сметките во тековниот месец февруари, изјави претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Велат ако нема договор, штрајкот ќе се случи веднаш после среда, а најавуваат дека покрај прекин на работа на работни места, можно е незадоволството да го изразат и на протести, блокирање на раскрсници, фабрики, институции. Од владата пак по средбата, преку соопштение се согласија дека минималната плата е неопходно да расте, но не без согласност од трите страни.

Минималната плата ќе продолжи да расте и системското решение ќе дојде преку дијалог со сите засегнати страни, а решението кое би било предложено секако подразбира одржливост на подолг рок за пораст на минималната плата во согласност со порастот на трошоците на живот и растот на просечните плати, соопштија од владата.

Претходно најавите од владата беа дека минималната плата ќе порасне но најрано во вториот квартал од годинава. Бизнисот беше категорично против 18.000 денари минималец, го прифаќаат само законското усогласување кое би било раст од минимални 5-6 проценти.

Според податоците пак на синдикатот во земјава над 100.000 работници се на минималец. Нивните аргументи се дека поради економската криза загрозена е егзистенцијата на работниците. Пресметките покажале дека ниту две минимални плати од сегашните 15.200 денари не можат да ја наполнат потрошувачката кошничка за четиричлено домаќинство која достигна 35.000 денари. Сепак дали Владата, синдикатот и работодавачите ќе ги испеглаат разликите или ќе има штрајк, ќе се знае во среда.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почна изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција

Дејан Дејан

(Видео) Село Николиќ беше во опасност, пожарот локализиран, ветрот го промени правецот на движење на огнот

Дејан Дејан

(Видео) Скопје во огнен обрач, ветрот со „разбуди“ пожарот во Чучер Сандево и ја отсече Македонија од северната граница

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе