Владата ја продолжи до крајот на март мерката за обезбедување дополнителните количини електрична енергија од домашно производство, односно преку топланата ТЕ-ТО. Владата одлучи ТЕ-ТО да работи седум дена во неделата по 24 часа со полна моќност и во февруари и март.
Согласно оваа мерка, ЕСМ ќе ја откупува целокупната произведена електричната енергија ОД ТЕ-ТО, со што ќе се обезбеди дополнителна топлинска енергија односно континуирано парно греење во Скопје.
За да не останат скопјани без парно, Владата пред 10 дена донесе одлука државната компанија ЕСМ да го преземе работењето на БЕГ додека трае енергетската криза. Ваквата одлука следеше откако БЕГ најави дека нема пари за набавка на гас па не може да испорачува топлинска енергија во Скопје, односно дека граѓаните и државните и локални институции ќе немаат парно.