Свет

Зошто Германија одбива да испрати оружје во Украина?

Некои западни сојузници беа изненадени, додека други лути, затоа што Германија одби да испрати оружје во Украина, но причините поради кои најмоќната европска држава зазема речиси неутрален став влечат корени во историјата и се доста комплексни. Постои една голема полјана источно од Берлин, во чија почва се врежани ужасни приказни од една од најбруталните битки за време на Втората светска војна.

Пролетта 1945 година Хитлер се криеше во својот подземен бункер во Берлин, додека преостанатите негови нацистички армии се повлекуваа во должина на целиот источен фронт. Советските армии пристигнуваа токму на оваа полјана, но на единствениот рид, последните нацистички бранители ги вкопале своите позиции.

Освојувањето на ридот Силоу, Советите го платиле со животот на 30.000 војници на Црвената армија.

Посетата на Меморијалниот центар на ридот Силоу ќе ви помогне да сфатите колку длабоко врежана е историјата на оваа земја во колективната германска меморија, и како хорорите од 20 век се уште имаат влијание врз нејзината надворешна политика, пишува дописничката на БиБиСи од Берлин, Џени Хил.

Тоа е првата причина поради која Германија одбива да испрати оружје во Украина. Втората е затоа што голем дел од германското општество е пацифистичко. Неодамнешно истражување на јавното мислење откри дека повеќето Германци веруваат дека најдобриот начин за решавање на овој конфликт е преку дипломатски преговори. Германските војници исклучително ретко учествуваат во мисии кои не се миротворни, исклучок се војните на Балканот во 90-те и Авганистан на почтокот на 2000-те.

За во ситуацијава да биде иронијата поголема, Германија е еден од најголемите извозници на оружје во светот, иако нејзиниот извоз е незначителен во споредба со тој на САД и Русија. Значајна разлика е што Германија одржува високо ниво на контрола за тоа каде завршуваат оружјата што ги извезува.

Германија има долгогодишна политика на воздржаност кога станува збор за воени конфликти во било која форма и на извозот на оружје се гледа како на поттикнувач на кофликти а не како на начин за нивно намалување. Таа долгогодишна политика вели дека Германија не извезува оружје во конфликтни зони, вели Томас Клајн Брокоф од германскиот Маршал фонд.

Германија го заобиколии тоа правило само во еден случај, да ги вооружи Пешмерга силите кои се бореа против Исламската држава во Северен Ирак, но ситуацијата во Украина е различна, додава Брокоф, а причината лежи во историјата. Нацистите убија милиони луѓе во Украина и Русија.

Да извезува оружје во овие раскрвавени региони кои Германија помогна да се создадат, да се вооружи едниот дел од тие региони, против другиот дел… претставува анатема во германската политичка дебата, вели Брокоф.

Токму поради тоа ситуацијата на украинската граница е испит за новата германска коалициона влада. Канцеларот Олаф Шолц, кој најверојатно мислеше дека справувањето со ковид пандемијата ќе биде најголемиот негов предизик, сега се наоѓа под притисок од меѓународните сојузници да ја промени долгогодишата политика на земјата за извоз на оружје. Одбивајќи ги повиците, од кои некои доаѓаа и од неговата влада, канцеларот Шолц наместо оружје испрати 5.000 шлемови во Украина, средства за полска болница и понуди лекување во Германија на ранетите украински војници.

Постои уште една причина за германското двоумење, многумина во Германија едноставно не веруваат дека кризата ќе биде решена со испраќање на дополнително оружје во земјата.

Германската министерка за надворешни работи, копретседателката на Зелените, Аналена Беарбок, посочува дека Германија е финансиски донатор во Украина и верува дека тоа е поефикасно од испраќање на оружје.

Не верувам дека е реално да се очекува извозот на оружје да го промени воениот баланс. Најдобрата заштита е да се спречи идна агресија. Најсилното оружје, ако веќе мораме да го искористиме тој збор, е ние, обединети како НАТО членки, како ЕУ членки, како Г7 членки, да ставиме до знаење дека секоја нова агресија ќе носи огромни последици, рече таа.

Канцеларот Шолц го фаворизира диломатскиот пристап на неговата претходничка. Ангела Меркел беше водечката сила, заедно со францускиот претседател Емануел Макрон во воспоставувањето на нормандискиот формат, во кој Германија, Франција, Украина и Русија целеа на постигнување траен мир во Источна Украина. Надежта дека тој формат може да донесе резултати се уште постои.

Франција и Германија се посредници и мислам дека не доликува  нација посредник да испраќа оружје во Украина, на едната страна од конфликтот, бидејќи се обидуваме да промовираме дипломатско решение, вели Најлс Шмит, портпарол на германските социјалдемократи.

Канцеларот Шолц можеби го нема истото влијание како Меркел кај Путин, но благодарение на историјата, германските односи со Русија се далеку подобри за разлика од останатите западни земји.

Илјадници германски компании имаат бизниси таму, многу Германци, вклучувајќи ја и самата Меркел, пораснале зад „Железната завеса“, учејќи го Рускиот јазик во училиште. Нејзината способност редовно да комуницира со Владимир Путин, во период кога со тоа не можеа да се пофалат останатите западни лидери, постојано се припишуваше на нивното заедничко искуство од растењето во комунистичкиот исток.

Тоа што голем дел од светот, и не мал дел од Германија, не може да го разбере, е зошто Шолц не го искористи џокерот во својот ракав, во форма на гасоводот „Северрен поток 2“. Економските врски меѓу двете земји се длабоки и кога „Северен поток 2“ ќе започне да функционира двојно ќе го зголеми европскиот увоз на руски гас. Шолц е под голем притисок да го стопира проектот како дел од новите европски санкции за Русија, а неговото одбивање да го направи тоа е показател за личниот интерес на Германија.

Тоа прашање е камен на сопнување и во владата. Неговите социјалдемократи тврдат дека станува збор за приватен проект, и како таков го подржуваат. За разлика од нив, коалиционите партнери Слободни демократи велат дека е политички, а Зелените пак, од своја страна со нетрпение очекуваат причина за да гласаат против него.

Шолц претходно предупреди дека доколку Русија ја нападне Украина, сите опции ќе бидат на маса, вклучувајќи го и гасоводот. Но во неговиот воздржан стил, Шолц не елаборираше понатаму, што наведе многумина во Германија да оценат дека тоа може да биде показател дека тој е лукав политичар, исто колку што може да биде показател и за неговата слабост и неодлучност.

Добро е да се има одредена доза на нејаснотија, за Путин да не може да се најде во ситуација каде ќе почне да калкулира цената која ќе треба да ја плати ако го направи ова, или она. Токму затоа е важно сите овие опции да бидат отворени, вели портпаролот Најлс Шмит.

И додека Путин го тестира западот, Германија се соочува со фундаментални прашања околу нејзините пацифистички инстинкти. Дури и пред Меркел да се повлече во Германија можеа да се слушнат повици дека е време земјата да заземе позначителна воена улога на светската сцена.

Но, како што посетителите на ридот Силоу  ожат да си го замислат врисокот на „Катјуша“ ракетите и лелеците на повредените војници, исто така можат да сфатат дека Германија многу добро знае кој е влогот, и цената која ќе треба да се плати, ако исто како во 30-те години на минатиот век, го направи погрешниот избор.

Џени Хил, БиБиСи, Берлин.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Индија го обвини Пакистан за прекршување на договорот за примирје

Дејан Дејан

Песков: Русија ќе го разгледа предлогот за триесетдневен прекин на огнот во Украина

Дејан Дејан

Во поплави во Конго 62 лица го загубија животот, а 50 се водат како исчезнати

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе