Ударни дупки, тротоари и коловози зафатени со паркирани возила, тесни улици, а фрквентни, само десетина широки коловози, опасност од одрони во непосредна близина на сообраќајници, град без катни гаражи и велосипедски патеки. Ваква сообраќајна инфраструктура како за касаба , а не модерен град, има конзуска Битола. Брои 74550 жители, а 25 000 моторни возила или колку една третина од граѓаните.
Битолчани велат тешко е да се биде возач низ вакви улици:
„Немаме улици, сообраќајната култура ни е нула, се паркираат каде што треба и не треба. Спори сме поради тоа во возење, доцниме како таксисти на нарачките. Реконструкциите се во ред, но мора побрзо да се работи. Мостот на пример, се работи три месеци и тоа влијае врз метежот.
Прво улиците се тесни, второ куси, трето замрзнати преку зима , каде ќе возиш?
Немаме улици, мали се, ова не се улици за толку возила колку што има.
Булеварот ‘Партизанска’ и ‘Васко Карангелевски’ се само широки улици. Метеж има , застанете на Партизанска кај Спортската сала ќе видите колку многу метеж има“, реагираат битолачни.
И првиот човек на Битола, Тони Коњановски уште првиот ден кога седна во градоначалничката фотелја се соочи со сериозен инфраструктурен проблем. Попушти мостот во центарот на градот, стар со децении, широк само три и пол метри, а еден од најфреквентните. Мостот три месеци e затворен, возилата се пренасочени, но сепак се создава метеж. Коњановски вели се преземаат сите мерки за обнова.
„Предвидовме и 300 000 денари за изработка на студија за утврдување на состојбата на седум челични мостови на реката Драгор, каде ревизија не е направена 40 години, за да не не̍ изненади ситуација слична на онаа со мостот кај Безистенот. Согласно годишната програма планираме изработка на Генерален урбанистички план за Битола, а таков план години не е изработен“, рече Коњановски.
Генералниот урбанистички план е од 1999 година, застарен, па го кочи и сообраќајниот развој на Битола. Во изминатите дваесет години беа донесени и две дообраќајни студии, но препораките претежно останаа на хартија. Стручната јавност е за изработка на нов ГУП, но и за примена на терен на досегашните студии за сообраќајот.
„Погрешно е размислувањето дека ГУП е магично стапче и сите проблеми ќе се решат во сообраќајот. Мора студиите и плановите да добиваат своја функција. Кај нас се̍ се темели на форма, да донесеме ГУП, да напрвиме студија, планска документација, а потоа она што како производ на терен треба да го добиеме недостасува. Затоа подобро е да се посветиме на операционализација на тие планови отколку постојано да велиме дека некоја сообраќајна студија не била добра, ќе донесеме нова“, вели Јасмина Буневска-Талевска, професор на Техничкиот факултет во Битола.
Што е неоходно да се подобри во сообраќајната инфраструктура?
„Мора за да се обезбедат зони на смирен сообраќај, на пешачки зони , паралено да се обезбедува и површини за паркирање возилата, паралелно да се врши модернизација на градскиот превоз, да се изгради велосипедска инфаструктура“, додава Буневска-Талевска.
Од граѓанската иницијатива „Битола на точак“ имаа изјавено дека возилата во земјава окупираат простор поголем од зафатнината на трите езера заедно Охридското, Преспанското и Дојранското, а на прво место се општините Центар во Скопје и Битола.
Жанета Здравковска