Една куќа изгоре во пожар кој се случи вечерва во населбата Колтук во Тетово.
Од огнената стихија биле зафатени и две соседни куќи, но со интервенција на тетовската територијална противпожарна единица било спречено пожарот да се прошири.
Поради пожарот стариот дел на градот беше без електрична енергија.
Соседите први излегле да помогнат.
-Околу 19 часот слушнав сирена, излегов и видов пламен. Видов дека тоа се соседите над мене, истрачав, гледам чад и пламен 15 метри од кровот нагоре. Со соседите се обидовме да помогнеме со црева и вода од цистерни, знаете овде е специфично со вода. Пожарникари дојдоа на време, благодарност до нив, да задоцнеа за пет минути, ќе изгореше уште некоја куќа. Експлозија немаше но пукаа кабли од струја. Цело маало Колтук и Два бреста и Горна Чаршија снема струја, изјави Ивица Ѓорѓески, жител на погоденото маало.
Во делот на Тетово каде беше пожарот, жителите постојано имаат проблеми со редовно водоснабдување, а иста ситуација со недостиг на вода имало и за вечерашниот пожар.
На крај солидарноста и брзата интервенција беа посилни од пожарот.
Сопственикот на опожарената куќа е повреден и со изгореници е згрижен во тетовската болница.