Македонија го живее врвот од заразата со ковид. Бројките секојдневно растат поради сојот омикрон кој неконтролирано се шири. Иако со поблаги симптоми, сепак, болеста е проследена со висока температура, гребење и болка во грлото, ноќно потење, а според СЗО сепак има ризици по здравјето.
Откога Омикронот е првпат идентификуван пред само 9 недели, повеќе од 80 милиони случаи се пријавени во СЗО, што е повеќе кога пријавивме во текот на 2020-та година. Досега, експлозијата на новите случаи не ја зголемува многу смртноста, иако таа е многу повисока во сите региони, посебно во Африка, регионот со најмалку достапност до вакцините, изјави генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус.
Со новите 2341 случај на коронавирусот вчера во Македонија е достигнат рекордот од почетокот на пандемијата. Од новите случаи 308 повторно се разболеле. И регионот бележи пораст на позитивни случаи на вирусот. Во Србија вчера се регистрирани 19.901 нов случај, што е рекорден број на заболени за еден ден во државата од почетокот на пандемијата, а се зголемува и бројот на хоспитализирани случаи. Во Бугарија исто така се регистрирани рекордни 12.400 нови случаи, и 73 починати. Високи бројки бележат Хрватска, Словенија, Грција. во тек е истражување за тоа колку се ефикасни вакцините. Освен антителата инстутите за имунологија во 22 земји, го испитуваат и ќелијскиот имунитет. Како држава која имаше привилегија да набави различни вакцини, и Србија е дел од овој проект, кој според имунолозите е тешка процедура.
А другиот дел од студијата кој е навистина голем чекор е што ќе се следи и ќелискиот односно целуларниот имунитет на нашиот Институт за имунологија (ИНЕП), на помал број примероци, бидеќи тоа се сложени и тешки и компликувани процедури кои не се прават рутински, ќе се испитува и целуларниот, бидејќи антителата не се секогаш мерило за одговор на имунитетот, вели проф. д-р Љиљана Марковиќ Даниќ.
Според најновите истражувања, Омикрон успева да опстане подолго на човечка кожа и на пластични површини во споредба со претходните верзии на коронавирусот. На пластика останува 193 часа, а на човечка кожа 21 час. Токму оваа екстремно висока „стабилност во околината“,му овозможи на Омикрон да ја замени Делта како доминантна варијанта и да се шири со таква брзина, заклучија јапонските научници.
Алиса Шутиноска