Една истрага заврши, но друга почнува. На 31 јануари е закажано првото рочиште во Перник, откако роднините на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија поднесоа барање за паралелна истрага за причините за несреќата. Не се задоволни од резултатот од истрагата на бугарската национална истражна служба, која го затвори случајот со заклучок дека, причина за несреќата е губењето на контрола на автобусот од страна на возачот и големата, несоодветна брзина на возење според условите на патот. Бараат се` да се испита од почеток, особено да се утврди зошто автобусот изгоре за толку кратко време?
Роднините најавуваат и тужба во Стразбур, доколку и втората истрага не ги утврди причините за страшниот пожар во автобусот. Велат дека досега никој не ги контактирал, ниту за информации, ни за каква било помош. За резултатот од истрагата дознале од телевизија. Тие неодамна побараа одговори и за личните работи, односно златниот накит вреден илјадници евра што не изгорел во автобусот. Од Обвинителството потврдија дека личните работи се наоѓаат запечатени во Министерството за надворешни работи и дека се чека попис од МВР, по што ќе им бидат вратени на семејствата. Што се однесува на истрагата, тие немаат надлежност да покренат истрага во друга држава. Овде постапуваат во предмет кој се однесува на работењето на фирмата „Беса Транс“, како и работењето на други надлежни органи.
Досега беше утврдено дека автобусот вршел превоз и преминувал граници со невалидни или фалсификувани документи. Лиценцата на туристичката агенција е одземена, суспендирани се двајца цариници, а нивниот раководител е санкциониран.
Во несреќата на 23 ноември загинаа 45 лица, меѓу кои и 12 деца, како и возачот на автобусот.
Далиборка Дамјанска Цветановска