Холандија од денеска ги отвора рестораните, театрите, музеите и кината и покрај силниот бран на омикрон, објави холандскиот премиер Марк Руте.
Кафулињата и рестораните, како и културните центри ќе бидат отворени до 22 часот, но со рестриктивни мерки како задолжително носење маски и сертификат за вакцинација.
Публиката повторно ќе може да учествува во спортски настани како фудбалски натпревари.
Мерката за затворање продавници беше укината минатата недела, откако беше наметнато строго затворање на 18 декември. Притисокот врз владата да ги укине рестриктивните мерки беше огромен.
Протестираа претприемачите и целиот културен сектор, а градоначалниците побараа укинување на мерките наметнати за рестораните, кои останаа отворени во соседните Германија и Белгија. Бројот на нови заразени почна рапидно да расте, па според последните податоци во последните 24 часа во земјава се идентификувани 65.000 нови случаи.
Се смета дека тој број е уште поголем со оглед на тешкотијата да се идентификува толку голем број на заразени. Стапката на инциденца во последните седум дена е речиси 2.000 нови инфекции на 100.000 жители.