„Ден на неделен одмор е недела.“ Овој нов член во Законот за работни односи ќе се применува од првиот ден на 2022-ра година. Во 41 дејност, во која работниот процес не може да биде прекинат, ќе се исплаќа една и пол дневница а друг ден ќе биде определен како слободен, додека во трговијата како несуштинска дејност, ќе се исплаќа дупла дневница.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа. Сметаат дека законот ги дискриминира вработените во помалите трговски објекти и оние што работат во дејности што не се набројани во законот. Партијата стравува дека законот ќе ја отежне кондицијата на фирмите и ќе придонесе за нови отпуштања работници.
Непочитувањето на недела како неработен ден повлекува забрана за дејност од 15 дена или 30 дена ако прекршокот се повтори. Владата го усвои законот уште во јуни. Требаше да се применува од први октомври, но заглави во собраниската Комисија за труд и социјала. Синдикатите бараа поголеми заштитни мерки, но работодавачите веруваат дека, по подолги разговори меѓу социјалните партнери, успеале да постигнат добар компромис.
Соња Николовска