Една седмица по одржаниот голем протест, Сојузот на синдикати на Македонија достави предлог до МТСП и до координаторите на пратеничките групи во Собранието, за зголемување на минималната плата на работниците од 18 000 денари, започнувајќи од јануари следната година. Предлогот не го прифаќаат од Организацијата на работодавачи, со образложение дека е вештачки и политички мотивиран и дека ќе предизвика негативни последици во стопанството.
ССМ поднесе предлог до МТСП и до пратеничките групи во Собранието, за измени на Законот за минимална плата, според кои се бара зголемување на минималецот на 18 000 денари, од јануари 2022 година. Порастот на трошоците за живот, намалената куповна моќ на граѓаните, но и усогласувањето на минималната плата, дури во март согласно законот, го принудил ССМ да не чека и да поднесе ваков предлог, велат од Синдикатот. Од ССМ предлагаат висината на минималната плата да не биде пониска од 60% од просечната месечна нето- плата по врботен , во последниве три месеци, а платите на сите работници да се усогласат со порастот на минималната плата, согласно предложените законски измени.
- Во изминатиот период , со покачувањето на минималната плата на 15 200 денари, тоа го поздравуваме , но во исто време не се случи и зголемување на платите на работниците кои не се на минимална плата. Тогаш добивме наместо 30 000 работници во државата кои добиваа минимална плата, во моментот да имаме над 120 000 работници , да добиваат минимална плата. Со цел да не се случи тоа, ние предложувме да растат платите и на останатите вработени, согласно законот и колективниот договор- Златко Цветковски- Секретар на ССМ.
Од Организацијата на работодавачи не се согласуваат со предлогот на ССМ за зголемување на минималецот на 18 000 денари . Според нив се работи за вештачко и политичко покачување со одобрение од власта, зашто постоечката минимална плата е повисока за 50% од претходно и следното покачување би предизвикало отпуштања на работници и намалување на продуктивноста.
- Сметаме дека законското усогласување на минималната плата секоја година со порастот на трошоците за живот, значи со инфлацијата , со порастот на БДП и со порастот на просечната плата во овој период , до крајот на мандатот на Владата, дава реални основи за достигнување на износот до 18 000 денари. Значи воопшто не е потребно вештачко и политичко покачување бидејќи тоа ќе предизвика негативни последици- Ангел Димитров- Организација на работодавачи на Македонија.
Зголемувањето на минималната плата нема да има негативен ефект врз компаниите и државата, велат од ССМ. Според нивното истражување , зголемувањето не довело до отпуштање на работниците , ниту до кратење на платите, туку до зголемување на мотивираноста и продуктивноста при работењето. Но , од Организацијата на работодавачи тоа го демантираат, повикувајќи се на анализата на Меѓународната организација на трудот, според која, преголемиот износ на минималецот доведува до урамниловка зашто неколку категории работници од јавниот и приватниот сектор добиваат исти плати. А, тоа ги демотивира добрите работници.
За предлогот за зголемување на минималната плата од јануари, од ССМ веќе разговарале со пратеници од парламентарното мнозинство, од каде добиле ветување дека ако измените на Законот за минимална плата стигнат во Собранието, ќе бидат поддржани.
Сотир Трајков