Словачкиот филозоф, есеист и литертурен критичар и професор на Универзитетот од Жилина, Далимир Хајко, е добитникот на Светската награда за хуманизам за 2022 година, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на Св. Климент на сите светски меридијани.
Професорот Хајко е шеснаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.
Заблагодарувајќи се на наградата, Хајко во писмото до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, вели дека за него е чест што е добитник на престижната награда.
-Мојата најдлабока благодарност оди до Охридската академија за хуманизам, на меѓународното жири и неговите членови и на претседателот, што ме номинираа. Ќе ми биде голема чест и задоволство да ја добијам наградата лично во прекрасниот град Охрид, пишува тој.
Свечената церемонија на доделувањето на наградата ќе се одржи традиционално на 18 јануари, наспроти големиот празник Богојавление, во куќата на Уранија на МАНУ во Охрид. Пригодни беседи за Хајко ќе одржат Јордан Плевнеш и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој едновремено и ќе му ја врачи наградата на добитникот Хајко, во присуство на поголема меѓународна асемблеја на гости, меѓу кои и претставници и градоначалници од збратимените градови на Охрид од Европа и градовите по покровителство на УНЕСКО. Потоа, лауератот Хајко, со своја беседа ќе се обрати на присутните.
Следниот ден, 19 јануари 2022 година, ќе се одржи меѓународна онлајн конференција со наслов:„Охридската школа на хуманизмот од Средниот век до денес во Европа и светот“, на која, меѓу другите, ќе учествуваат и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, Жан-Патрик Конрад – претседател на Европската академија на науките и книжевностите во Лондон, Ралица Русева – историчар на уметноста, Софија-Бугарија, Рикардо Бризи – социолог на Универзитетот во Болоња, Италија, професор Фабрис Далмеида – професор Пантеон Асас, Сорбона – Париз, Франција.