Усвоените закони за управување со отпад, со кои животната средина од утре ќе се штити со дестимулација за купување пластични ќесиња, по цена од 15 денари, ги подели граѓаните. Едни сметаат дека тоа нема многу да го намали загадувањето на животната средина, а според други дека ќе има ефект. Граѓаните се поделени и околу промената на навиката за купување ќесиња од маркетите.
Производителите на пластични ќесиња од утре ги затвораат погоните и најавуваат дека околу 600 вработени ќе останат без работа. Според нив, се работи за ригорозни закони за чија примена добиле кратко време, а со нив производството на досегашните оксибиоразградиви ќесиња ќе треба да го заменат со биоразградиви. А, не се во можност поради скапите инвестиции за нови машини, неисплатените кредити за технологијата што до сега ја користеле, а пред се поради недостатокот на суровини на глобалниот пазар за биоразгладливи ќеси.
На глобално ниво, сега во моментов тие материјали се од пченка , од шекерни репки. А , на глобално ниво има недостаток од храна, а не да се произведува материјал за користење за производство на најлонски ќеси. Тоа ни е најголемиот проблем.Од утре запираме со производство и со затворање на нашите фабрики, вели Александар Боризовски од Групацијата на производители на пластични ќеси.
Цената на биоразградливите ќесиња во европските земји изнесува наши 6 денари , а цената од 15 денари која од утре стартува кај нас е наметната, за разлика од многу пониската пазарна цена. Кај нас постои субвенција од 50% на увозот од странство на црните вреќи за смет, со кои се претрупани маркетите, а домашното производство е запрено, дополнува Боризовски . Според него потребно е најмалку 5 до 7 години за прилагодување на производството на ќесиња на еколошките стандарди.
Стандардот за биоразградливост на кесињата е важечки уште од 2013 година, а тоа значи дека трговците и производителите во моментот имаат само дополнителни обврски за евиденција и наплата. Построгите стандарди ќе започнат да се применуваат после јуни 2023 година, со цел нивно прилагодување кон новиот начин на работење. До тогаш производителите ќе треба да работат согласно постојните стандарди кои беа воведени во 2013 година, велат од Министерството за животна средина.
Трговците имаа доволно време за разгледување на можностите за набавување на овие кесиња или друга алтернатива, затоа што Законот беше подготвен и објавен уште од 2019 година и споделен со јавноста, велат од Министерството за животна средина.
Производителите можат да продолжат со работа, но мора да се прилагодат кон потребите на пазарот, дополнуваат од Животна средина.
Сотир Трајков