Се поголем е бројот на пациенти со потешкотии и компликации по прележувањето на ковид 19. Лекарите велат дека рехабилитацијата трае од 1 до 6 месеци зависно од клиничката слика и потребно е пациентите постепено да се враќаат во нормалниот тек на животот. За да се намали можноста од инфекција, а со тоа и компликациите и смртноста, треба да се зголеми процентот на вакцинација, потенцираат здравствените работници.
Отежнато дишење, кашлица, кардиоваскуларни и други проблеми, се јавуваат кај голем дел од пациентите по прележан ковид 19.
Пациенти со вакви симптоми сè почесто бараат помош во Специјализираната болница за белодробни заболувања и ТБЦ во тетовски Лешок. Доктор Исмаил Ваити, вели дека ним им е потребно продолжено лекување со таблети, а кај некои и физикална терапија.
Доктор Ваити советува пациентите постепено да се враќаат на секојдневните активности.
Доктор Светлана Трифуновска вели дека симптомите, постковид потешкотиите и леталниот исход се почести во земјите каде процентот на вакцинација е помал.
Лекарите велат дека токму вакцинацијата останува клучен фактор за спречување на ширењето и на новоткриениот сој на коронавирусот, омикрон, кој донесе загриженост во целиот свет, поради големиот број мутации.
Данијела Билбилоска