Дел од матичните лекари го критикуваат предлог-моделот за нивна финансиска стимулација ако успеат да ги поттикнат 70% од згрижените пациенти да се вакцинираат. Не се сите матични лекари исти, некои од нив водат деца, а некои повозрасни лица и немаат иста шанса да делуваат, сметаат дел од докторите. Министерот за здравство веќе најави дека со 30 денари по пациент ќе се стимулираат докторите коишто ќе достигнат 70% вакцинираност помеѓу згрижените пациенти.
Несреќно избран модел за матичните лекари да ги убедат пациентите да примат анти-Ковид вакцина. Дел од луѓето од професијата вака ја оценуваат мерката којашто вчера ја кажа министерот за здравство Филипче во изјава за медиумите. Тој смета дека со бонус од 30 денари за секој пациент лекарите ќе се мотивираат да ја достигнат целта од 70% вакцинираност помеѓу луѓето запишани кај нив. Матичните лекари имаат различен склоп на луѓе за чиешто здравје се грижат, па така не може сите од нив да бидат ставени во ист кош, смета доктор Љубомир Стефановски.
Не е потребна ниту некаква награда за матичните лекари да си ја вршат својата работа. И без финансискиот стимул, којшто досега го немаше, тие ги едуцираат и насочуваат своите пациенти кога одлучуваат за своето здравје.
Доктор Стефановски смета дека антиваксерите помеѓу неговите колеги лекари се поединечни и изолирани случаи, но дека вакцинацијата е клучот да се преживее пандемијата, а дури потоа ќе се зборува за ефектот на истата – следствено на сите анализи коишто ќе се прават во земјата и во светот.
Петар Догов