Сојузот на стопански комори (ССК) побара од Владата итни мерки за поддршка на домаќинствата и претпријатијата, даночни олеснувања и интервенција кај акцизите за да се ублажат последиците од енергетската криза. Оттаму се на ставот дека енергетска криза е нов предизвик за претпријатијата, бидејќи ја нарушува нивната ликвидност, профитабилност и ја намалува нивната конкурентност.
„ Последиците кои ги чувствуваат претпријатијата од економската криза се силно изразени, а владата треба преку брзи и ефективни мерки да обезбеди итна поддршка за домаќинствата и претпријатијата, како и таргетирани даночни олеснувања. Преку координирана акција и пакет мерки ќе се ублажи непосредното негативно влијание од зголемувањето на цените и дополнително ќе се зголеми отпорноста од идните ценовни шокови. Во оваа насока, потребна е интервенција кај акцизите, ДДВ и дополнителните надоместоци кои дополнително ја зголемуваат цената на горивата, а кои претставуваат околу 46% од малопродажната цена се давачки кон државата (согласно композицијаата на цената на горивата објавена ва одлуките на РКЕ). Со ова ќе се неутрализира негативното влијание што го имаат зголемените цени на горивата врз целокупното поскапување, особено бидејќи предизвикува проблеми со ликвидноста на компаниите и граѓаните и ја намалува општата куповна моќ, негативно влијаејќи и на агрегатната потрошувачка“, соопштија од ССК.
Кога станува збор за недостигот од електрична енергија од ССК порачуваат дека може да се намали со системски мерки и поттикнување инвестиции во енергетскиот сектор и за таа цел треба да се олеснат процедурите за добивање на дозволи за соларни панели кои се поставуваат на покривите на индустриските објекти како и за соларни електрани.
„Проектите од ваков тип треба да имаат поедноставени постапки, да бидат поддржани со цел компаниите да бидат мотивирани да превземат ваков тип на инвестиции. Во сегашната состојба дестимулативно е што нема сеопфатна директна поддршка за енергетски ефикасни технологии, а често компаниите што инвестираат во обновливи извори на енергија се елиминирани од финансиска поддршка според Законот за финансиска поддршка на инвестициите, бидејќи се принудени да поседуваат лиценци за секоја соларна електрана, а секоја компанија која поседува лиценца не може да користи финансиска поддршка согласно Законот“м велат од ССК.
На овој начин недостигот на електрична енергија ќе се намали, ќе се намалат производните трошоци на претпријатијата и ќе креираат дополнителни работни места.