Култура

Дупла доза МОТ со три претстави „ Мојот маж“, според расказите на Бужаровска

Годинашново 46 издание на Интернационалниот театарски фестивал „ Млад отворен театар“ , ќе се одржи во два термини. Од 18 до 26 ноември и од 2 до 7 декември, со вкупно 26 претстави на програмата. Во првиот блок се експериментални, драмски и танцови претстави од Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција и Македонија, а во вториот, на фестивалската програма се само домашни остварувања од независната сцена. Сите претстави ќе се изведуваат со физичко присуство на 6 сцени : Младински културен центар (сала „25 Мај“ и сала „Фросина“), Драмски театар, Театар Комедија, МНТ и Дом на АРМ.

  • Ова издание на МОТ е особен предизвик бидејќи се обидуваме да го зачуваме духот на еден од најстарите меѓународен театарски фестивал во регионот, во овие несигурни времиња, кога многу фестивали се принудени да ги откажуваат своите активности, а самите театри се борат да ги одржуваат своите редовни репертоари. Ние одлучивме храбро да го правиме 46-от МОТ и тоа во два блока, изјави директорот на МКЦ, Русе Арсов.

Куриозитет за ова издание на МОТ, е можноста публиката престојниот викенд да ги види сите три постановки на претставата „ Мојот маж“, работени по расказите од истоимената збирка на писателката Румена Бужаровска. Во петок (19. ноември), во МНТ ќе биде изведена словенечката драматизација на расказите, во режија на Ивана Џилас, во продукција на Словенско народно гледалишче од Љубљана, во сабота (20. ноември), во Драмски театар е српската верзија, во продукција на Југословенско драмско позориште од Белград, во режија на Јована Томиќ, а во  недела (21. ноември) , исто така во Драмски теата ќе биде изведена неговата/македонската верзија на претставата „ Мојот маж“, во режија на Нела Витошевиќ. Трите режисерки за прв пат ќе имаат можност да се сретнат на панел-дискусија во рамки на МОТ, најавуваат организаторите.

Ден претходно (18 ноември во 20 часот, во МНТ), МОТ ќе биде отворен со изведбата на претставата на Битеф театарот, од Белград- „ Како крајот и да не е сосема блиску, во режија: Никола Завишиќ. Се работи за експериментален проект  кој за тема ги има односите и меѓучовечката интеракција во дигиталната реалност. Претставата се изведува без актери на сцената, а по 5 гледачи наеднаш ќе може да бидат изведувачи, во исто време и гледачи и да го избираат аголот на гледање. Поради ограничениот број публика, претставата ќе се игра во повеќе термини од 18 до 21 ноември во МНТ.

За 24 ноември во рамките на МОТ, по прикажувањето во септември во Сараево, е најавена македонската премиера на претставата „ Нема да биде крај на светот“, работена како копродуција меѓу МНТ, продукцијата „Перипетија“ и воениот театар од Сараево- САРТР, во режија на нашата Нина Николиќ. Претставата го истражува унишувањето на животите на три лика во рамките на често коментираното доаѓање на крајот на светот. На последното издание на фестивалот „ Живи фест“, во Босна и Херцеговина, претставата освои четири награди: специјална награда за режија (на Нина Николиќ), награда за најдобра актерка ( за нашата Дарја Ризова) и актер, како и специјална награда за актерска игра.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Третманот на децата во образовниот систем низ премиера во Драмски театар

Дејан Дејан

Силјановска: Книгите што ги читаме, на кои се навраќаме, многу повеќе говорат за нас, од било кое CV

Дејан Дејан

Третманот на децата во образовниот систем низ премиера во Драмски театар

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе