Фудбалската репрезентација на Македонија за прв пат во историјата ќе биде дел од бараж дуелите за пласман на Светското првенство. По триумфот од 3:1 во дуелот против Исланд, нашата селекција го освои второто место го забележа најдобриот резултат во еден квалификациски циклус.
“Би сакал да се навратам малку назад, да се заблагодарам на сите што се заслужни за овој успех, тука мислам на мојот претходник, и сите играчи кои беа дел, а веќе не се во репрезентација. Честитки до играчите, до момците, што и да се каже во моментов е малку не само на денешниот меч, тука и на сите натпревари во циклусот. Го очекував ова. Не би се бавел со оваа работа, ако не очекувам да бидеме успешни, да имаме успешна соработка со момците”, изјави Милевски.
Предводникот на националниот тим истакна дека во ниту еден момент не се сомневал дека на овој натпревар ќе стигнеме до победа и покрај фактот што противникот успеа да ја анулира нашата предност.
“Искрено во тој момент не се сомневав дека ќе направиме се да се вратиме во мечот, особено што од една случајна ситуација примивме гол. Се радувам, и работевме на тој психолошки момент. Тоа што ни се случи со Исланд на гости многу не научи, и од тој меч мислам дека таков момент нема да имаме во иднина затоа што работиме многу за тој психолошки момент, така што момците се супер”, продолжи Милевски.
Селекторот има огромна доверба во своите избраници и потенцираше дека оваа генерација е подготвена за врвни резултати.
“маме уште доста работа до она ниво до кое сакам да стигнеме. Мислам дека овие момци имаат потенцијал да достигнат уште многу. Работевме многу да формираме тимска игра, и мислам дека се виде тој момент дека функционираме како тим и како екипа и сите се ставени во функција на тоа”, рече Милевски.
ФОТО: Игор Паневски