Работниот век го поминал во ноќните смени на дежурните служби на Град Скопје, каде како што вели, не било лесно да се бори за спас на многу животи. Денеска пензионираниот лекар од општа пракса , Кирил Мартиновски дојде во поликлиниката „ Ѓорче Петров“, да се погрижи за сопственото здравје, примајќи вакцина против сезонси грип. Низ годините, повеќепати до сега се вакцинирал со што и покрај ризичната професија го зачувал животот. Апелира, граѓаните превентивно да го сторат тоа зашто немаат друг избор.
Мартиновски е еден од 23 000 граѓани кои се пријавиле за четиривалентните вакцини против сезонски грип. Од вчера, од како почна имунизацијата, во поликлиниката „ Ѓорче Петров“, која во сабота работи и во втора смена, без проблеми се аплицирани околу 200 дози, велат лекарите. Според најновите протоколи, нема опасност по здравјето на граѓаните ако вакцината против сезонски грип биде аплицирана во исто време со таа против Ковид -19.
Во чекалницата сретнавме повозрасни граѓани кои и минатите години примале вакцина против сезонски грип, па очекуваат добри ефекти и годинава.
Покрај поликлиниката „ Ѓорче Петров“, вакцини против сезонскиот грип во Скопје се ставаат и во поликлиниките Идадија и Бит пазар и во ЦЈЗ во населбата Пролет. А, на ниво на цела држава, дневно се отвораат по околу 4300 термини за вакцинација. На располагање се 40 илјади дози кои бесплатно ќе ги примаат граѓаните и 11900 , купени од центрите за јавно здравје во Скопје и Битола, за кои граѓаните треба да платат по 800 денари. Вакцините против сезонски грип се наменети за возрасните над 65 години, хроничните болни, бремените жени, здравствените работници и бебињата над 6 месеци до децата на 5 годишна возраст.
Сотир Трајков