Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, не само што се сопна, туку се врати назад ова е заклучокот на Заменик-директорката на влијателниот невладин центар – Европски совет за надворешни односи, Весела Чернева дадено во радио интервју за националното бугарско радио БНР. Ставот на Чернева дека евроинтеграциите престанале да бидат катализатор за реформи и да ги стимулираат политичарите и луѓето во регионот следи по завршетокот на белградскиот безбедносен форум, на кој била коментирана улогата на Бугарија на секоја средба на многу негативен начин во врска со бугарското вето, кое ги спречи Република Северна Македонија и Албанија да почнат преговори со Европската Унија.
„Довербата драстично е опадната во сите земји од Западен Балкан. Но, кога РС Македонија и Албанија ќе започнат преговори со ЕУ, целата клима на односите со ЕУ ќе се промени,“ смета Чернева.
Политичките тензии и покрај негативните сигнали за последици од експертите не стивнуваат, а синоќа во ФБ преписка се впушти и привремениот бугарски премиер Стефан Јанев кој на социјалните мрежи побара од официјалните власти во Скопје да се почитуваат правата на оние граѓани кои себе си се идентификуваат како Бугари, но и одново впери прст дека земјата не го почитува договорот за добрососедство.
„Бугарија постојано ја поддржува земјата, но во исто време мора да биде способна да ги брани сопствените национални интереси. За жал, раководството на Република Македонија не брза да ги исполни обврските предвидени во Договорот за добрососедство,“ додаде Јанев.
Додека Македонија и Бугарија се обидуваат да излезат од политичкиот ќорсокак, американската дипломатија обелодени дека подготвува решение со кое двете страни ќе бидат победници, САД и ЕУ ќе го задржат стретешкиот интерес во регионот, појасни синоќа заменикот држаен секретар на Белата куќа.
„Работиме со владите на Северна Македонија и Бугарија за да најдеме позитивно „вин-вин“ решение. Исто така работиме и со нашите ЕУ партнери кои се согласуваат дека спорот мора да се реши во што пократок временски период. Сите се согласуваат дека е во наш стратешки интерес, американски и европски, Северна Македонија и Албанија да влезат во ЕУ“, посочи Габриел Ескобар.
Одложувањето на процесот, откако Советот на министри во март 2020 препорача отпочнување на преговори, ја шири недовербата низ регионот и ги уништува надежите на младите за европска иднина“, истакна Ескобар според кого до крајот на годинава Европската унија треба да ги отпочне преговорите со Северна Македонија и Албанија.
Павле Беловски