Пристапот до лекари специјалисти во јавните здравствени установи е проблематичен, оценува во Извештајот за Македонија Европската Комисија, потенцирајќи дека здравството во земјата се соочува со загуби на медицинскиот персонал. Се наведува дека, и покрај обезбедувањето на зголемени плати особено лекарите специјалисти или преминуваат во приватните здравствени установи или пак заминуваат во странство.
Персоналот продолжува со потребата од специјализирана обука за користење напредна здравствена опрема, наведува ЕК.
Што се однесува пак до справувањето со предизвиците од пандемијата на корона вирусот, Европската Комисија наведува дека во текот на третиот бран беа поплнети 90 проценти од болничките капацитети во јавниот здравствен систем, а во однос на вакцинацијата против ковид-19, дека до почетокот на октомври целосно се вакцинирани околу 35 отсто од популацијата.
Во однос на рефундирањето на средствата што се плаќаат за здравствени услуги, од ЕК оценуваат дека пациентите плаќаат приближно една третина од сите здравствени услуги без да бидат рефундирани, со што се зголемуваат социјалните разлики. ЕК оценува дека не се финасира доволно скринингот за рано дијагностицирање на канцер, како и тоа дека податоците од националните и регионалните регистри за рак не се јавно достапни.