Ковид19 Македонија Најважни

Гужви и редици пред вакциналните пунктови за трета доза вакцина

Долга редица пред вакциналните пунктови предизвика одлуката на властите за давање трета доза вакцина против Ковид. Граѓаните масовно доаѓаат на повторно боцкање, исплашени дека претходните две дози не им создале имунитет на коронавирусот.

Вработените во поликлиниката „Јане Сандански“ брифираат за огромни бројки кај нив, дури над илјада граѓани од утрото прошле на вакциналниот пункт. Слична е состојбата и на другите пунктови.

„Јас бев вакциниран со кинеската вакцина Синофарм и рекоа дека после три месеци пожелно е да се вакцинираме и со трета доза.“

 

„Не одлучувам јас туку ја слушам државата. Ми се јавија телефонски – утре да дојдете кога сакате. И си дојдов “

 

„Ги следам упатствата на медицинарите. Имав две вакцини, сега трета. Важно ниту јас, ниту некој друг да не заразам.

 

„Ги ставив првите две вакцини, а сега викаат дека тие кинеските вакцини се малку послаби, па јас да се осигурам“ – велат граѓаните.

Докторите се задоволни од интересот на граѓаните за вакцинирање и со трета доза, но велат дека тоа е само половина работа завршена, а за останатиот дел, апелираат до граѓаните кои сè уште се двоумат за прва.

„Како што можете да видите и самите, интерес има и тоа интересот е огромен. Од утринава имаме големи гужви на пунктот во поликлиниката „Јане Сандански“. Причината е да се постигне колективен имунитет и причината е да се спречат мутациите на вирусот Ковид. Станува збор за повозрасни граѓани меѓутоа апелираме и сите оние коишто не примиле прва доза и се двоумат, да дојдат и да си ја примат вакцината“ – Даниела Марковска – Доктор на медицина.

Министерот за здравство информираше дека вчера нешто повеќе од илјада граѓани вкупно добиле трета вакцина, а одлуката на Комитетот за имунизација да се скрати периодот за нова доза од шест на три месеци, ја правда со научните студии од странство.

За олеснувањето на рестрикциите и дозволата за угостителите сега да примаат неограничен број гости на една маса, Филипче вели дека не е од политички причини.

„Никогаш мерките не биле носени од било какви политички одлуки. Од почетокот на кризата лани, досега секогаш сме гледале низ призма на епидемиологијата односно што е тоа што може да се препорача или да се забрани или да се направи рестрикција. Во таа смисла, на следниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе биде дискутирана оваа мерка за неопходност да се имаат две дози на вакцини“ – Венко Филипче – Министер за здравство.

Дополнително, првиот човек во здравството информираше и дека скринингот на средношколците кој започна вчера, се одвива без никакви проблеми, согласности од родителите пристигнуваат секој ден, а до крајот на оваа недела ќе се тестираат и до 500 деца.

Се тестираат деца во средните училишта и во основни училишта, а ниту едно дете не добило позитивен резултат на тестот досега.

Петар Догов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Децата мора да се охрабруваат да говорат за булингот“ пораки од работилница во Гази Баба на општествено одговорната кампања „Крени Глас“ на Макпетрол

Дејан Дејан

Во болницата во Кочани стои нова хипербарна комора без специјалист да ја стави во функција велат од “SupportКоcani“

Дејан Дејан

Пет барања испрати семејството на Фросина од протестот по пресудата од 12 години за Васил Јованов

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе