Македонскиот репрезентативец Владимир Егоров има можност да стигне до бронзен медал на Светското првенство во борење слободен стил што се одржува во Осло.
Егоров во првото коло со технички туш успеа да го совлада Чанг Јунг Парк од Јужна Кореа, но во второто коло за противник го имаше освојувачот на бронзениот медал од Олимписки игри, Американецот, Томас Патрик кој успеа да триумфира со 11:1.
Сепак Патрик обезбеди пласман во финалето и тоа му овозможи на Егоров да биде дел од репасажот за бронзата и доколку успее да го совлада Абубакар Муталиев од Русија, македонскиот репрезентативец ќе има шанса да атакува на бронзата, а противник ќе му биде Хорст Лер од Германија.