Бугарската социјалистичка партија на Корнелија Нинова ќе го добие третиот и последен мандат за формирање влада во Софија. Нејзината партија е трета по бројност во Собранието.
Но, уште пред да се објави кој ќе го добие мандатот, партијата Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов најави дека нема да ја поддржи идната влада, ниту ќе учествува во разговори за нејзино формирање.
„Воопшто немаме основа да разговараме за такво нешто“, Ивајло Влчев, Има таков народ.
-А ви значи ли тоа дали БСП или Исправи се БГ ќе го добијат мандатот за да разговарате со нив?
„Веќе кажавме дека нема да влеземе во разговори за трет мандат“ – Влчев.
И партијата Демократска Бугарија, нема да ги поддржи социјалистите.
„Нашата позиција е јасна, објавена уште пред изборите на четврти април, пред изборите на 11 јули и никој не може да тврди дека не знаел за нашата позиција“ – Христо Иванов, Демократска Бугарија.
А токму овие две партии се меѓу партиите кои Нинова планира да ги повика на разговори за формирање на идниот владин Кабинет. Третата партија со која планира да разговара Нинова е Исправи се Бугарија.
Среде политичката криза, поради неможноста да се формира влада, партијата на досегашниот премиер Бојко Борисов, Граеѓани за европски развој на Бугарија повторно се враќа како водечка политичка сила во земјата.
Партијата на бугарскиот шоумен Слави Тифонов, Има таков народ, е на трето место. На изборите од 11-ти јули, партијата на Трифонов освои две пратенички места повеќе од ГЕРБ, но не успеа да формира влада.
Сега, анкетата на БТВ и Маркет линкс, што беше направена од 13 до 22 август, покажува дека ГЕРБ е прва политичка сила, додека разликата меѓу Демократска Бугарија, Има таков народ и Бугарската социјалистичка партија се во рамките на статистичка грешка.
ГЕРБ е повторно првата политичка сила во земјата, со добра мобилизација во текот на летните месеци, што донекаде е изненадување. Но, од друга страна, разочарувањето од протестните партии да формираат функционална влада дел од изгубеното јадро повторно го води кон оваа партија.
Анкетата покажува и дека политичката нестабилност ја намали довербата во партиите.
Првиот мандат беше врачен на Има таков народ, но таа не успеа да формира влада, вториот мандат го доби ГЕРБ, но тие веднаш го вратија мандатот, и сега во трет обид да состави влада е кај бугарските социјалисти.
Ако и по третиот обид, ниту една партија не формира влада, ќе бидат распишани нови парламентарни избори, трети годинава, кои најверојатно ќе се одржат заедно со претседателските во ноември.
За Македонија, тоа значи статус-кво во спорот со Бугарија бидејќи од април до сега, таму нема политичка влада.
Европските интеграции остануваат блокирани од лани во нември кога Бугарија стави вето за почеток на македонските преговори за членство во ЕУ.
Марија Дивитарова