Илјадници Авганистанци со денови чекаат пред аеродромот во Кабул, очајно обидувајќи се да ја избегаат од земјата откако во неделата талибанците ја презедоа власта. Внатре во аеродромот воени авиони со евакуирани странци и Авганистанци постојано полетуваат, додека американските, германските и британските војници ги задржуваат авганистанците за да не се повторат хаотичните сцени од пред неколку денови. И покрај нивните напори ситуацијата останува критична. Еден германски државјанин денеска бил застрелан обидувајќи се да стигне до аеродромот, но не е во животна опасност, соопшти германската влада
„Заглавен сум овде веќе два дена. Се обидувам да влезам. Отидов кај Американците, ме истуркаа, ме исфрлија надвор. Отидов кај Германците, ме удираа со стапови, пукаа на нас“- бегалец.
Соочени со жестоки критики за бавноста на евакуацијата, САД, чиј воен контингет е одговорен за контролата на аеродромот, соопштија дека од денеска ги зголемиле своите напори и сега таа се одвива побрзо.
„Од 14 август до сега евакуиравме 7.000 лица. Исто така можам да потврдам дека имаме 6.000 луѓе на аеродромот, целосно процесирани од нашиот конзуларен тим и наскоро ќе се качат на авионите“ – Нед Прајс – Портпарол на Стејт депарментот.
Но за илјадниците Авганистанци кои чекаат пред аеродромот тоа е мала утеха. Иако Талибанците тврдат дека обезбедиле зелен коридор до аеродромот, но контролните пунктови кои ги поставија на улиците кои водат до таму, според очевидците, целта им е да ги спречат авганистанците да ја напуштаат земјата. Во судирите на овие пунктови до сега се убиени 12 лица.
„Им велам на луѓето да останат дома и да не доаѓаат овде. Ситуацијата во моментов е луда и се надевам дека ќе се подобри бидејќи гелдам дека децата умираат. Ова е ужасно“- Мохамед Наим – поранешен преведувач на американската војска.
Уште пред два дена неколку агенции предупредија дека талибанците имаат список со соработници на НАТО и започнале потрага по нив. Уште повознемирувачки е што тие успеале да запленат неколку американски биометрички скенери, и со нив проверуваат дали некој работел со НАТО. Во обид да ги спречат талибанците преку социјалните мрежи да ги лоцираат своите мети, фејсбук ја исклучи опцијата за пребарување профили на нивната платформа во регионот на Авганистан, соопшти директорот за безбедносна политика на фејсбук Натаниел Глечер.
Првите чекори кои ги направија талибанците по преземањето на власта во Авганистан, беа со цел да ги убедат луѓето дека се подготвени да прифатат, одредени отстапки од своите убедувања за да го зачуваат мирот внатре во земјата, но и да добијат меѓународно признавање. Ветија дека правата на жените ќе бидат почитувани „во рамки на исламскиот закон“ и прогласија општа амнестија за администрациајта и ја повикаа да се врати на работа. Западот и голем дел од Авганистанците, талибанските повици ги дочекаа со скептицизам.
Игор Трајков