Американскиот претседател Џо Бајден цврсто стои зад одлуката за повлекување на американските војници од Авганистан и покрај критиките дека таа била избрзана, откако Авганистанската национална армија се дезинтегрираше под налетот на талибанците, само неколку денови по повлекувањето на Американците.
Повторно ми останува да ги прашам тие кои тврдат дека требаше да останеме. Уште колку генерации американски ќерки и синови сакате да испратам да се борат во авганистанската цивилна војна, кога ниту самата авганистанска армија не сака? Уште колку американски животи ќе нѐ чини тоа? Колку бескрајни редови на надгробни плочи има на Националните гробишта во Арлингтон? Мојот одговор е јасен. Нема да ги повторам грешките од минатато, порача бајден
Американскиот претседател призна дека настаните се одвивале многу побрзо отколку што тие предвиделе, но за тоа ги обвини авганистанските лидери, тврдејќи дека американските војници можеле да останат уште 20 години, но тоа немало да направи никаква разлика.
Настаните кои сега ги гледаме, за жал, се доказ дека било каква воена сила нема да доведе до стабилен, обединет и безбеден Авганистан, кој е познат во историјата како „Гробницата на империите, рече бајден.
Бајден и неговата администрација се соочија со жестоки критики, откако талибанците прогласија победа во неделата а илјадници Авганистанци вчера го преплавија аеродромот во Кабул, очајнички обидувајќи се да избегаат од земјата. Двата американски баталјони, испратени за да ја обезбедуваат евакуацијата на персоналот од амбасадата, се обидоа да ја презедат контролата врз аеродромот, поради што неколку часови беа забранети сите летови од Кабул, но тоа беше постигнато дури откако беа испратени уште два баталјони, а во операцијата помогнале и турски војници.
Ова е неуспех од светска класа кој сега се претвори во вистинска криза на Меѓународниот аеродром во Кабул. Бидејќи во основа имате стотици, ако не илјадници луѓе чија евакуација сега зависи од каприците и одлуките на талибанците. Ова е речиси гигантска заложничка драма, ако така сакате, вели Питер Звак, пензиониран Бригаден генерал на американската армија.
Летовите продолжија откако беше воспоставена контрола над аеродромот, и откако американскиот генерал и шеф на Централната команда, Френк Мекензи, се сретна со талибанските лидери во Доха и ги предупреди дека САД ќе употребат сила ако тие се обидат да ја попречат евакуацијата на американците и нивните сојузници.
Иако анкетите покажуваат дека мнозинството Американци го подржуваат повлекувањето од Авганистан, сепак се гневни поради хаотичниот начин на кој тоа беше изведено, и фактот што Бајден прво ги повлече војниците, па потоа мораше повторно да испрати уште илјадници други за да помогнат во евакуацијата. За многумина во САД, евакуацијата од Кабул ги разбуди спомените од понижувачкото повлекување од Сајгон, во 1975 година, кога претседателот Бајден го служеше првиот мандат како сенатор од Делавер.
Игор Трајков